Најтопол крај на зимата во последите 15 години: Што е „топлотна купола“ која во следните денови носи натпросечно топло време во Европа?

Точка

24/02/2026

20:27

795

Големина на фонт

а а а

Последната недела од февруари во Европа ќе биде под знакот на исклучително топло и потенцијално рекордно време. Причина за тоа е силен прилив на тропски воздух од Африка, кој ќе се задржи над Европа поголемиот дел од неделата поради блокада на системот на воздушен притисок.

Натпросечно топлото време може да продолжи и во првата недела од март.

Топлото време ќе се шири постепено низ Европа, од запад кон исток. Во првите денови ќе ги зафати пред сè Шпанија и Франција, каде што максималните дневни температури ќе достигнат вистински летни вредности, околу 25 °C.

Најзначајни отстапувања од долгогодишниот просек за крајот на зимата се очекуваат во Франција, земјите од Бенелукс и Германија, особено во средината на неделата. Дневните максимуми тука многу веројатно ќе надминат 20 °C и ќе бидат дури 15 степени над нормалата.

Топлата воздушна маса ќе се преместува кон исток и постепено ќе зафаќа и други региони од Европа. На многу места можни се не само дневни, туку и месечни температурни рекорди. Значително затоплување се очекува и во земјите од централна Европа, каде температурите ќе надминат 15 °C и се најавува најтоплиот крај на зимата во последните петнаесетина години.

Зошто ќе биде толку топло?

Според анализите на порталот „Severe Weather Europe“, причината за ова невообичаено топло време лежи во специфичната прераспределба на воздушните притисоци. Во претходните денови над северозападна Африка се формирала изразена „топлотна купола“ со температури кои локално достигнале неверојатни 40 °C.

Токму од тоа подрачје сега се протега силен антициклон (поле на висок воздушен притисок) кон Европа, кој овозможува преместување на многу топол воздух над континентот. Иако терминот „топлотна купола“ е карактеристичен пред сè за лето, во поблага форма може да се јави и во зимските месеци, носејќи екстремно високи температури.

Напредувањето на африканскиот воздух ќе биде многу бавно, создавајќи класичен пример на таканаречена омега-блокада. При оваа појава, помеѓу два циклони (поле на низок притисок) се заглавува гребен на висок притисок, кој ја запира вообичаената западна струја и на долг период го стабилизира времето.


Да се случеше ваква метеоролошка ситуација со јужно струење и омега-блокада во лето, би донела интензивен и опасен топлотен бран. Крајот на зимата, сепак, носи само изразен „вкус на пролет“.

Опасност од поплави и сахарска прашина

Многу региони, особено во западна и јужна Европа, ќе имаат долгоочекувана пауза од зимските бури. Сепак, одредени ризици и натаму постојат. Наглото затоплување и брзото топење на снегот во подрачјата со повисока снежна покривка може да предизвика локални поплави.

Исто така, во втората половина од неделата, пролетните температури можат благо да бидат нарушени од присуство на честички сахарска прашина во атмосферата. Колку ќе биде голема концентрацијата и дали ќе ги намали дневните максимуми, ќе покажат следните ажурирани прогнози.

Актуелните прогностички модели сугерираат дека високите, натпросечни температури ќе се задржат и за време на викендот, како и на почетокот на наредната недела. Сепак, метеоролозите предупредуваат дека тоа не значи дефинитивно доаѓање на пролетта – враќање на зимско време и појава на студ во март никако не може да се исклучи.