Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница упати прашање до министерката за образование, Весна Јаневска, кое се однесуваше на предлог законот за високо образование и последиците од неговите решенија врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар.
Таа се осврна на реакциите од академската заедница кои предупредуваат дека законот премногу ја централизира контролата, се фокусира на процедура и административни прашања, а не ги решава суштинските проблеми како финансии, одлив на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд.
„Квалитетот во високото образование мора да биде највисок приоритет не само на надлежниот министер и на владата туку и на сите вклучени во тој степен на образование. И затоа секое законско решение кое го регулира високото образование мора редовно да се осовременува, но тој процес мора да ги вклучува сите чинители и да се сослушаат сите страни.
Откако беше објавен на ЕНЕР предлог законот за високо образование, не стивнуваат реакциите.
Министерке, дали сметате дека овој предлог навистина ги опфаќа сите профили кои студираат на нашите високо образовни институции?
Дали суштински се решаваат проблемите со тоа што се скратуваат можностите на младите да останат да работата на некоја високообразовна институција?
Дали сметате дека предлог законот Не дискриминира? Дали сте подготвени да ги сослушате сите страни? Дали сметате дека закон за високо образование треба да се донесе со сила, со инает, а повторно да останат можностите за “диплома на секое ќоше”? дали сметате дека со вака поставени нешта во високото образование, нема да се продлабочи проблемот со неквалитетните дипломи- додипломски, магистерски, докторски- кои одамна се навлезени во општеството и тие се тие против кои всушност се бориме?
На крај, дали ќе го повлечете законот и ќе пристапите кон изработка на нов предлог закон“, праша Костадиновска-Стојчевска.












