Андоновски најавува имплементација на вештачката интелигенција во администрацијата откако ревизијата утврди дека не се создадени предуслови

Макфакс

16/02/2026

13:24

170

Големина на фонт

а а а

Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема „Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор“, на која се обрати и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Во обраќањето, министерот посочи дека констатираните наоди се третираат со целосна сериозност и ќе бидат искористени како основа за понатамошни институционални унапредувања. Во извештајот се констатира дека во анализираниот период јавниот сектор немал воспоставена целосна стратешка, законска и инфраструктурна рамка за системска примена на ВИ.

„Овие наоди се сериозни и ги третираме како основа за институционално подобрување. Но важно е да се нагласи дека од периодот опфатен со ревизијата до денес се преземени конкретни чекори“, истакна Андоновски.

Министерот нагласи: „Во доменот на вештачката интелигенција, стратегиите и законите се неопходна рамка – но тие сами по себе не создаваат капацитет. Технологијата се развива побрзо од секој нормативен документ. Ако останеме само на стратегии, ќе заостанеме. Затоа паралелно работиме на конкретна имплементација.“

Во продолжение, министерот ги презентираше активностите што веќе се спроведуваат за воспоставување системска рамка за вештачка интелигенција во јавниот сектор:

Национална ИКТ стратегија 2025–2030 како хоризонтална дигитална рамка, со позиционирање на ВИ како стратешка технолошка оска и предвиден акциски план за ВИ во јавната администрација.

Национална стратегија за вештачка интелигенција во подготовка, преку работна група под координација на Министерството, со вклученост на академската заедница, приватниот сектор и Агенцијата за заштита на лични податоци, усогласена со европската регулаторна рамка.

data.gov.mk со AI — интеграција на AI асистент за пребарување на природен јазик и генерирање структурирани одговори од објавените сетови, со цел зголемена практична употребливост на отворените податоци.

ВЕЗИЛКА — иницијатива за развој на GPU капацитети и основа за развој на модели на македонски јазик, како инфраструктурен предуслов за ВИ, со поврзување со европскиот AI/HPC екосистем.

Заштита на лични податоци и етичка рамка — планиран механизам за проценка на ризик (AI impact assessment), етички принципи, транспарентност и засилена институционална координација.

Осврнувајќи се на суштинското прашање од ревизијата — дали јавниот сектор е подготвен за ВИ — министерот истакна дека во анализираниот период подготвеноста не била целосна, но дека денес системски се воспоставува рамка и се оди кон оперативна примена.

„Вештачката интелигенција нема да биде административен проект. Ќе биде технолошка трансформација во служба на граѓаните“, порача Андоновски.