„Starlink“: Вселенска компанија што влијае на геополитиката

Точка

14/02/2026

10:13

505

Големина на фонт

а а а

Првично замислен да обезбеди пристап до интернет и во најоддалечените делови од светот, „Starlink“ на Илон Маск стана важно средство за комуникација во воени и кризни подрачја.

Без разлика дали станува збор за негостопримливите пустини на Сахара, длабочините на амазонската прашума, пространствата на Тихиот океан или ледената покривка на Арктикот – во многу делови од светот современиот човек има голем проблем: недостиг на интернет пристап.

Американскиот технолошки милијардер Илон Маск првично го започна развојот на „Starlink“ токму за да го реши тој проблем – да обезбеди брз интернет низ целиот свет во региони каде тоа не е можно со класична инфраструктура, преку кабли или оптички влакна, или каде таквата инфраструктура би била прескапа и неисплатлива.

Во меѓувреме, примената на „Starlink“ значително се прошири. Се користи за комуникација во области погодени од катастрофи, но и од армии или протестни движења – на пример во региони каде класичниот интернет е уништен со напади или исклучен од авторитарни режими.


Како функционира „Starlink“?

Во суштина станува збор за сателитски интернет систем во кој речиси 10.000 мали сателити кружат околу Земјата. Тие меѓусебно разменуваат податоци преку ласерски врски и не зависат од постојана директна видливост со копнените станици што го поврзуваат сателитскиот систем со класичниот интернет.

За разлика од другите интернет-сателити што кружат на височина од околу 36.000 километри, сателитите на „Starlink“ се на околу 550 километри над Земјата. Благодарение на тоа, интернет-сигналите се пренесуваат многу побрзо, а доцнењата се толку мали што се можни и апликации со голем проток на податоци.

На корисниците им е потребен само мал приемен терминал со електронски управувана антена, која автоматски се насочува кон моментално достапните сателити.


Каде веќе се користи „Starlink“?

Судан: Во суданската граѓанска војна „Starlink“ најмногу го користат Силите за брза поддршка (RSF), паравоена формација што се бори против регуларната војска. Стотици уреди се прошверцувани преку Обединетите Арапски Емирати, а се појави и црн пазар за терминалите. RSF ги користи за комуникација и координација, додека државните сили (SAF) се обидуваат да го спречат нивниот увоз.

Иран: На почетокот на 2026 година избувнаа масовни протести против режимот во Техеран, кој реагираше со исклучување на интернетот. Според извештаите, илјадници терминали биле прошверцувани и продавани на црниот пазар, што им овозможило на демонстрантите комуникација и покрај цензурата.

Венецуела: И таму „Starlink“ претходно се користеше за пробивање на информативни блокади. По американската интервенција во јануари 2026 година, кога беше уапсен поранешниот претседател Николас Мадуро, Илон Маск привремено им понуди бесплатен интернет на граѓаните.


Газа: Од јули 2024 година „Starlink“ се користи во хуманитарни цели во разорениот Појас Газа. Хуманитарни организации и една полска болница го користат за телемедицина и логистичка координација, додека поширокиот цивилен пристап е ограничен, делумно поради безбедносни грижи на Израел.

Украина: Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, „Starlink“ стана клучно средство за комуникација. Војската го користи за координација на единици, управување со дронови и контрола на беспилотни системи. Во цивилниот сектор го користат болници, спасувачки служби, енергетски компании и железницата.

Наводно, и руската војска користи „Starlink“ преку терминали прошверцувани преку трети земји. Украинското Министерство за одбрана соопшти дека тесно соработува со „SpaceX“ за да се ограничи таквата употреба.

Кои се критиките кон „Starlink“?

Во многу конфликтни зони „Starlink“ е единствениот интернет-извор, што му дава огромно влијание на Илон Маск. Комуникацијата на цели воени структури или хуманитарни организации понекогаш зависи од компанијата „SpaceX“. Маск, на пример, претходно одби да овозможи активирање на услугата за украинска воена операција во близина на Крим. И американскиот претседател Доналд Трамп се закани со исклучување на врската за да изврши притисок врз Киев.

Постојат и еколошки критики. Сателитите се произведуваат масовно и имаат век од околу пет години. Во просек, еден до два сателита дневно согоруваат во атмосферата, при што ослободениот алуминиум-оксид може да влијае на озонската обвивка и глобалното затоплување. Дополнително, големиот број сателити ја рефлектира сончевата светлина, што го прави ноќното небо посветло и може да има последици врз животинскиот свет.


Кој работи на алтернативи?

За да се намали доминацијата на „Starlink“, особено во Европа веќе се развиваат алтернативи. Најголем приватен конкурент на „SpaceX“ е компанијата „Eutelsat“, но нејзиниот систем „OneWeb“ со нешто повеќе од 600 сателити е значително помал и главно насочен кон деловни корисници и поморскиот сектор. „Eutelsat“ учествува и во проектот „IRIS2“, високообезбедена сателитска мрежа на Европската унија, која треба да ја направи Европа понезависна од „Starlink“, но нема да биде оперативна пред 2029 година.

Конкуренција се појавува и во САД. Компанијата „Amazon“, во сопственост на милијардерот Џеф Безос, забрзано развива сопствен систем „Amazon LEO“ – мрежа од повеќе од 3.000 сателити во ниска орбита. „Amazon“ планира услугата да ја пушти уште оваа година во САД, но и во Германија.

И Кина развива два сопствени сателитски комуникациски системи. Државниот проект „Guowang“ е наменет претежно за национални и воени потреби и треба да опфати до 13.000 сателити, додека проектот „Qianfan“, со околу 12.000 сателити, е повеќе комерцијално ориентиран и насочен кон земјите во развој. Масовните лансирања за двата проекта се очекуваат уште оваа година.