„DW“: Куба пред колапс?

Точка

13/02/2026

22:37

695

Големина на фонт

а а а

И покрај американското нафтено ембарго и честите прекини на струјата, животот во Хавана засега тече релативно нормално. Но тоа, според многумина, би можело брзо да се промени.

Сонцето повторно грее над Хавана. Неколку дена Куба беше погодена од исклучително силен продор на студен поларен воздух, што во некои делови од карипската земја првпат во историјата донесе температури околу точката на замрзнување. Но овие денови мрачното расположение на Куба не го предизвикува само студениот воздух од насока на САД.

По нападот на Соединетите Американски Држави врз најблискиот кубански сојузник, Венецуела, и киднапирањето на Николас Мадуро, Каракас ги запре испораките на нафта кон островот. Кон крајот на јануари американскиот претседател Доналд Трамп ја прогласи Куба за „посебна закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави“ и им се закани со царини на сите држави што ќе продолжат да ја снабдуваат со нафта или нафтени деривати.

Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел првично ги нарече тие мерки „фашистички, криминални и геноцидни“. Во меѓувреме порача дека Куба е подготвена за разговори со САД „без предуслови“. Истовремено инсистира дека неговиот режим не е „пред колапс“ и најавува детали од план за зајакнување на енергетскиот сектор.

„Трамп е луд – по секоја цена сака да ни го одземе и воздухот за дишење. А оној другиот е уште пофанатичен кога станува збор за Куба“, вели Алеида од Хавана, алудирајќи на американскиот државен секретар со кубанско потекло Марко Рубио. Тој важи за еден од главните заговорници на политиката на „максимален притисок“ врз Венецуела и Куба. „Само чекаме да видиме што уште ќе се случи“, додава таа загрижено.


„Понекогаш мислам дека Трамп ќе нè нападне, а понекогаш дека сепак нема да дозволи да потонеме за потоа да се претстави како спасител“, вели 21-годишната службеничка Рејчел од главниот град на Куба, додавајќи дека очекува секојдневниот живот да стане уште потежок.

„Трамп им штети на обичните луѓе, а не на владата“, вели Рамон. Шеесетгодишникот работи како таксист и живее од туризмот – кој минатата година дополнително опадна. Бензин сега може да се набави само со девизи и по повеќечасовно чекање на т.н. „доларски бензински“. Прекини на струја од десет до 15 часа дневно станаа вообичаени и во Хавана. Земјата моментално произведува само околу 40 проценти од потребната електрична енергија. Сепак, и покрај царинските закани на Трамп, животот во Хавана наизглед продолжува нормално.

Тоа го потврдува и Берт Хофман, водечки истражувач во германскиот институт „GIGA“ за латиноамерикански студии, кој моментално престојува во Хавана. „Постои големо исчекување. Живееме во некаков ’кризен нормалитет‘ – животот продолжува. Прекини на струја има почесто, бензин има помалку, но сè се влошува постепено. На улиците и понатаму има сообраќај“, вели Хофман. Но станува збор за привидна нормалност, бидејќи земјата „нема никаква перспектива да добие нафта“.


Пресврт во Каракас

Од 3 јануари сè се променило, вели Хофман. Тогаш Венецуела, најважниот снабдувач со нафта за Куба, отпаднала. Мексико, вториот најважен снабдувач, ги запрел планираните испораки за јануари. Од 9 декември ниту еден танкер со нафта не пристигнал на Куба.

Во јануари Куба купила една пратка нафта на т.н. спот-пазар. Брод од Того, кој на 4 февруари требало да пристигне, на отворено море го сменил курсот кон Доминиканската Република. Можно е тоа да се случило под притисок од САД, смета Хофман. „Тоа значи дека дури и кога Куба ќе успее да купи нафта, таа не стигнува до островот.“ Тоа важи и за потенцијални испораки од Алжир, Ангола, Кина или Виетнам. „Претпоставувам дека САД вложуваат големи напори тоа да го спречат. Многу е веројатно дека Куба во догледно време нема да добие нафта. А тоа е брутално“, додава тој.

Експертите проценуваат дека на Куба ѝ се потребни околу 100.000 барели сирова нафта дневно. Меѓу четвртина и третина досега доаѓале од Венецуела. Мексико во 2025 испорачувал меѓу 6.000 и 12.000 барели дневно, додека Русија и Алжир испраќале помали количества.


„Се шират гласини дека во февруари можеби воопшто нема да има нафта – а веќе сме во февруари“, вели Рејчел. Таа се надева дека потрошувачката била помала и дека резервите сепак ќе траат подолго.

Иако Куба во последните две години со поддршка од Кина значително инвестираше во изградба на соларни паркови, тие ни приближно не ги покриваат потребите за електрична енергија. Снабдувањето со струја и натаму зависи од застарени термоелектрани од советско производство, склони на дефекти. Тоа значи дека Куба итно зависи од увоз на енергија. Домашната тешка нафта, која покрива околу 40 проценти од потребите, не може да се преработи во бензин и се користи само за електрани.

Никој не знае колку ќе траат постојните резерви на нафта, вели Хофман. „Фајненшел тајмс“ кон крајот на јануари говореше за 15 до 20 дена. Последиците во секој случај ќе бидат сериозни. „Прашање на неколку недели е кога повеќе нема да има бензин. А кога нема бензин, не само што туристите не можат од плажа до аеродром, туку ни храната од селата не може да стигне до градовите“, нагласува експертот од „GIGA“.


Хофман спомнува и германска компанија што на Куба произведува медицински кислород за болниците. „Ако камионот нема бензин, кислородот не стигнува до болницата и луѓето умираат.“ Ако храната повеќе не може да се транспортира, ќе настане глад.

Мексико најави испраќање хуманитарна помош уште оваа недела. Истовремено дипломатски ги испитува можностите за испораки на нафта. Но Мексико е економски силно зависен од САД, па неговиот маневарски простор е ограничен. Дополнително, претстојат нови преговори за северноамериканскиот договор за слободна трговија, што на Трамп му дава дополнителен притисок врз соседната земја.


Контакти, но не и преговори

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум понуди посредување во можни разговори меѓу Вашингтон и Хавана, иако не е јасно за што би се преговарало. На сослушување во Сенатот во јануари американскиот државен секретар Рубио отворено стави до знаење дека се стреми кон промена на режимот.

За разлика од Венецуела, Куба има помало економско, а поголемо симболично значење. Карипскиот остров симболизира отпор кон Монровата доктрина и американската доминација на западната хемисфера. „Тоа е отворена сметка“, вели Хофман. „Во Вашингтон имаат чувство дека сега ги држат сите адути и дека дојде момент Куба да капитулира, што и да значи тоа конкретно.“ Затоа е тешко да се замисли „околу кои точки кубанското раководство би можело да се договори со Трамп и Рубио“.


Трамп последните денови тврдеше дека неговата влада води разговори со кубанското раководство. Хавана го демантираше тоа – постојат контакти, но не и дијалог. Заменик-министерот за надворешни работи Карлос Фернандес де Косио изјави дека се „разменети пораки“, но дека „би било погрешно да се каже дека се подготвуваат билатерални преговори“. Куба повеќепати јавно изрази подготвеност за разговори со САД „на рамноправна основа“.

Соочен со нафтеното ембарго, Де Косио призна дека неговата земја има „ограничени опции“. Најави итен план што ќе биде претставен „во наредните денови“. Тој ќе биде „тежок за владата и многу тежок за населението во целина“.

Во меѓувреме амбасадорот на Русија на Куба, Виктор Коронели, испрати јасна порака. Како што пренесе „Ројтерс“, дипломатот нагласи дека Москва планира да продолжи со испораките на нафта кон Куба. „Руската нафта последниве години повеќепати беше испорачувана на Куба. Сметаме дека таа практика ќе продолжи“, изјави Коронели.