Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан

Макфакс

12/02/2026

20:30

198

Големина на фонт

а а а

Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.

Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.

Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.

Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.

На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.