СДСМ: Владата сака авион за Мицкоски, но не и 600 евра минимална плата

Макфакс

12/02/2026

09:52

205

Големина на фонт

а а а

СДСМ обвини дека Владата ги игнорира барањата за покачување на минималната плата на 600 евра, додека истовремено најавува набавка на нов владин авион.

„Додека над 200.000 работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра“, се наведува во партиското соопштение.

Според СДСМ, пратениците од коалицијата ВМРО-ЗНАМ го блокираат предлог-законот за зголемување на минималната плата и поддршка на компаниите, поднесен од оваа партија. Партијата оценува дека со тоа директно се ускратува финансиска помош за работниците и стопанството.

„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, стои во соопштението, во кое се наведуваат и споредби со луксузите од времето на Никола Груевски, како и со, како што велат, личниот луксуз на актуелниот премиер.

СДСМ истакнува дека ќе продолжи да се бори за „економска правда и враќање на достоинството на граѓаните“.