[ФОТО] Неверојатен подвиг на научници: Спасиле еден вид полжав од изумирање

Точка

09/02/2026

12:12

362

Големина на фонт

а а а

Вид на мал полжав со големина на копче, за кој се стравувало дека е изумрен во своето живеалиште на Бермудските Острови, повторно напредува откако научниците одгледале и ослободиле повеќе од 100.000 мекотели, објави „Гардијан“.

Се верувало дека видот исчезнал од Северноатлантскиот архипелаг, сè додека не била откриена негова преостаната популација во 2014 година во оддалечен дел од главниот град Хамилтон.


По децениски меѓународен напор од страна на владата на Бермудските Острови и зоолошката градина Честер во Велика Британија, каде што илјадници полжави биле одгледувани пред да бидат транспортирани назад на островите, видот е потврден како безбеден од изумирање.


„Сонот на секој природозаштитник е да помогне во спасувањето на цел еден вид и токму тоа го направивме. Потврдата дека ги спасивме е доказ за улогата што зоолошките градини можат да ја играат во спречување на изумирањето на еден вид“, изјавил експертот за зоолошки градини Тамас Пап.

Во зоолошката градина во Честер, чуварите ги адаптирале постојните методи за одгледување полжави за да создадат најдобри услови за размножување, чувајќи ги во специјално дизајнирани капсули.


Научничката од канадската компанија „Biolinx Environmental Research“, Кристина Оваска, истакнала дека спасувањето на полжавите е важен дел од обновувањето на деградираните екосистеми.