Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.








