Виткоф објави дека е постигнат првиот договор меѓу Русија и Украина по пет месеци

Макфакс

05/02/2026

13:38

209

Големина на фонт

а а а

Ексклузивните разговори во Абу Даби донесоа конкретен резултат, Русија, Украина и Соединетите Американски Држави постигнаа договор за размена на затвореници, прв по петмесечен застој во овој чувствителен процес, пренесуваат медиумите во регионот.

Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, го објави договорот на социјалните мрежи, нагласувајќи дека делегациите на трите страни прифатиле размена на вкупно 314 затвореници.

„Денес, делегациите од Соединетите Американски Држави, Украина и Русија се согласија да разменат 314 затвореници – прва таква размена во последните пет месеци“, рече Виткоф, оценувајќи дека договорот е постигнат благодарение на „детални и продуктивни преговори“.

Размената е договорена како дел од втората рунда преговори за решавање на конфликтот во Украина, која започна на 4 февруари во Абу Даби. Според достапните информации на медиумите, составот на руската делегација останал непроменет во споредба со претходниот состанок одржан на 24 јануари, а преговарачкиот тим на Москва го предводи Игор Костјуков, началник на Генералниот директорат на Генералштабот на руските вооружени сили.

Иако деталите за самата размена не се објавени, договорот во дипломатските кругови се толкува како мал, но значаен потег во услови на длабока недоверба и ограничен дијалог. Во исто време, тој укажува дека каналите за комуникација меѓу завојуваните страни и Вашингтон остануваат отворени, барем во прашања од хуманитарна природа, и покрај продолжувањето на политичките и воените тензии.