Ново ширење на влијанието на Орбан во Македонија сега и во енергетиката, велат од СДСМ

Макфакс

05/02/2026

13:36

131

Големина на фонт

а а а

Се шири влијанието на Орбан. Освен во медиумите, во телекомуникациите, во финансискиот сектор сега очигледно ВМРО му овозможува влез и во енергетиката во Македонија, велат од СДСМ.

Според оваа партија, годишниот план за енергетски објекти за 2026 година усвоен од Владата опфаќа и учество на фирми кои се поврзани со компании од Унгарија, блиски на Орбан, како на пример иницијативата за когенеративна гасна централа вредна 445 милиони евра каде се јавува фирмата „Статус Енерџи ДОО Скопје“.

„Фирмата која е планирана е ќерка-фирма на унгарската Status Energy KFT. Оваа унгарска фирма е дел од Status Energy Private Equity Fund и е индиректно поврзана со Виктор Орбан преку сопственичка структура што ја вклучува OPUS Global, компанија контролирана од Лоринц Месарош (Mészáros Lőrinc), еден од најбогатите Унгарци и долгогодишен пријател и сојузник на Орбан.

Главната врска оди преку Месарош, кој ја контролира OPUS Global (има околу 24–36% удел, но ефективна контрола). Месарош е пријател на Орбан од детството (од селото Фелчут), поранешен инсталатер на гас кој стана милијардер благодарение на државни договори од 2010 година (кога Орбан дојде на власт).

Неговиот имот се удвојуваше секоја година и често се опишува како бизнис-посредник на Орбан. Месарош располага со широка мрежа на приватни инвестициски фондови (вклучувајќи го и Status Energy Private Equity Fund), кои се користат за прикривање на имотот и за инвестиции во енергетиката, банкарството, медиумите и инфраструктурата“.

Овие фондови, нагласуваат во СДСМ, станаа алтернатива на офшор-компаниите за унгарските олигарси.

„OPUS Global под водство на Месарош стана „национален шампион“, со портфолио во енергетиката (вклучувајќи го TIGÁZ), туризмот, земјоделството и медиумите. Компанијата профитираше од државни проекти, како што е изградбата на железницата со Кина.

Во системот на Орбан за контрола на медиумите, Месарош управува со домашниот дел, додека Шац и Адамик со „извозниот“ дел во странство. Како примерите во Македонија.

Во 2020 година, Шац беше обвинет за даночна измама во Македонија поради непријавување на приход од 190.000 евра во неговата компанија CHS Invest Group.

Истражувањата на ИРЛ и Oštro покажаа дека таканаречените „рекламни договори“ (маслиново масло, сувенири, онлајн продавници без реален пазар) биле користени како механизам за трансфер на милиони евра кон медиумскиот октопод на ВМРО, под контрола на Шац“.

Како што оценуваат во партијата на Филипче, ништо не е случјано, се е поврзано.

Ова, додаваат, е уште една потврда на она што го говори СДСМ.

„Политичкиот проект на ВМРО за ширење на влијанието на Орбан ја изложува Македонија на странско мешање, дезинформации, и „нетранспарентни финансиски текови“ кои ја оддалечуваат земјата од ЕУ а ја приближуваат до авториратни режими и геополитичките цели на Русија“.