Не знаеме кого Трендафилов чекал во празна сала, средбата помеѓу премиерот Мицкоски и претставниците на УПОЗ е закажана за во четврток, велат од Владата

Макфакс

02/02/2026

14:49

127

Големина на фонт

а а а

Владата, како што соопштија од таму, најостро реагира на обидите за создавање лажна слика за социјалниот дијалог, а во врска со денешните јавни настапи и изјави на Трендафилов.

„Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот“.

Ова, како што соопштија, е конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира истиот да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати.

„Социјалниот дијалог се води таму каде што му е местото, во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија.

Сите обиди истиот да се претвори во лажни наративи и самоволни појавувања, се неодговорни и штетни по интересите на работниците, кои наводно се бранат“.

Владата, се додава во реакцијата, останува цврсто посветена на конструктивен социјален дијалог, но нема да дозволи истиот да биде злоупотребуван за дневнополитички калкулации.