На финансиските пазари кандидатот на Трамп, Кевин Ворш, долго време се сметал за само втора опција за раководење со советот на таканаречениот Федерален резервен систем на САД, институција која сите едноставно ја нарекуваат Фед.
Но, по најновите сигнали од Белата куќа дека токму тој би можел да биде главниот кандидат, многу пазарни набљудувачи ова кадровско решение го оценуваат прилично позитивно, пишува „Дојче Веле“.
„Застапува традиционална слика за Фед“
Ворш добро ја познава американската централна банка. Од 2006 до 2011 година бил член на нејзиниот Управен одбор во мандатот на претседателот Џорџ Буш. На таа позиција тој бил клучна врска меѓу тогашниот шеф на Фед, Бен Бернанке и Вол Стрит за време на финансиската криза во 2008 година. Едгар Вок, главен економист на банката „Метцлер“, смета дека токму затоа Ворш „претставува најголема компетентност и традиционална слика за Фед“.

Според мислењето на економистот, Ворш има разбирање за желбите на Трамп. Воедно, како што рекол Вок, тој е способен „подобро да ја брани независноста од другите“. Критичарите, пак, му замеруваат што во последно време отворено се залагал за пониски каматни стапки, какви што бара и Трамп. Тие исто така наведуваат дека по неговото заминување од централната банка дошло до нарушувања на пазарот на пари.
Кога Трамп неодамна го повикал на чај во Белата куќа, станало јасно дека Ворш е фаворит. Интернет-платформата за предвидувања „Polymarket“ ја проценува неговата номинација со веројатност од 94 отсто.
Светот на парите здивнал
На финансиските пазари одлуката беше пречекана со одредено олеснување. Веднаш по поканата во Белата куќа доларот закрепна, додека златото — валута за кризни времиња — повторно губеше на вредност.
Олеснувањето се почувствува и на берзите. Трговците велат дека довербата во доларот постепено се враќа, а со неа и основната доверба во акциите.

Тоа донекаде изненадува. Како што рекол Карстен Бжески, главен економист на „ING“, „на пазарот Ворш се доживува како таканаречен јастреб, иако последен пат всушност се залагал за намалување на каматите“. Во јазикот на централните банки, јастребите застапуваат рестриктивна монетарна политика, за разлика од гулабите, кои се повеќе наклонети кон пониски каматни стапки.
Нема шанси за советникот на Трамп
Првично, Трамп го фаворизирал Кевин Хасет. Но неговите шанси за највисоката позиција во американската централна банка веќе извесно време беа многу мали. Хасет, економски советник на американскиот претседател, уште пред неколку недели, по силен отпор, изјавил дека позицијата шеф на Фед „не го интересира претерано“.
Потоа Трамп рекол дека „сака да го задржи Кевин Хасет таму каде што е“, односно во Белата куќа. Тоа веќе тогаш донесе извесно смирување на финансиските пазари. Хасет има репутација на угледен економист, но и критичар.

Непосредно пред пукањето на таканаречениот „dot-com“ меур на почетокот на векот, во една книга предвидувал дека вредностите на берзите и понатаму неизбежно ќе растат, но потоа следувал слом. На многу економисти дополнително им пречи неговата безрезервна поддршка на политиката на царини на Трамп.
Висок углед имал и Рик Ридер, но брзо испаднал од трката. Станува збор за портфолио-менаџер во инвестицискиот гигант „BlackRock“. Неговата блискост со Трамп е добро позната, но го сметаат и за способен стратег и одличен познавач на пазарот на обврзници, една од клучните области на монетарната политика. Како портфолио-менаџер во тој финансиски гигант, како што рекол Дејвид Кол, главен економист на банката „Julius Bär“, Ридер заработува значително повеќе.
Ќе го одобри ли Сенатот?
Иако финансиските пазари го поздравуваат предлогот на Трамп, Кевин Ворш не го чека автоматски избор. Разликите меѓу Трамп и демократите во Конгресот се големи. Американскиот претседател може само да предложи кандидат за челната позиција во централната банка, додека за именувањето одлучува Сенатот.
Набљудувачите очекуваат дека демократите особено ќе внимаваат на чело на американската централна банка да биде личност способна да му се спротивстави на актуелниот претседател. Во заднина е и спорот со актуелниот шеф на Фед, Џером Пауел. И него го номинирал Трамп, но поради претпазливата политика на каматни стапки паднал во немилост на Белата куќа.

Јерг Кремер, главен економист на „Комерцбанк“, смета дека Трамп веројатно не сака повторно да именува кандидат кој на крајот би се покажал политички премногу независен. „Се плашам дека идниот претседател на американската централна банка повеќе нема да им се спротивставува на желбите на Трамп како што тоа го прави Џером Пауел“, изјавил Кремер за „tagesschau24“.
Истрага против шефот на Фед
Демократите особено ги разгневи истрагата на Министерството за правда против актуелниот шеф на Фед. Пауел се товари дека пред Сенатот дал лажни искази во врска со санацијата на зградите на централната банка во Вашингтон, што тој го негира. Овој потег на правосудството воопшто се толкува како обид за политички притисок врз Фед.

Покрај тоа, пред гласањето во Сенатот, кандидатот за наследник на Пауел мора да помине и низ Комитетот за финансии. Но, сопартиецот на Трамп, сенаторот Том Тилис, најави дека таму ќе ги блокира сите номинации за Фед додека не се запре истрагата против Пауел.
Карстен Бжески од „ING“ смирено ја набљудува оваа кадровска одлука. Тој рекол дека, всушност е сеедно кој на крајот ќе биде избран. „Секој кандидат ќе се покаже како некој што ја цени институцијата Фед“, уверен е Бжески.















