Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги тужеше Министерството за финансии на САД и УЈП за 10 милијарди долари поради објавувањето на неговите даночни пријави во медиумите во текот на 2019 и 2020 година.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Мајами од Доналд Трамп, неговите возрасни синови Доналд Трамп помладиот и Ерик Трамп, како и компанијата што го носи неговото име, се наведува дека агенциите не презеле „задолжителни мерки на претпазливост“ за да го спречат поранешниот вработен во Даночната администрација, Чарлс Литлџон, да ги предаде своите даночни пријави на „левичарските медиуми“, вклучувајќи го и Њујорк Тајмс, објавува денес Гардијан.
Тужителите изјавија дека претрпеле „значајна и непоправлива штета“ на нивниот углед и финансиски интереси и дека можат да бараат казнена отштета бидејќи истекувањето на информации било намерно или резултат на груба небрежност.
Овој случај го става Доналд Трамп во необична позиција да тужи владини агенции кои се дел од извршната власт, која тој ја раководи, пишуваат медиумите.
Во тужбата поднесена вчера, Трамп наведува дека „Њујорк тајмс“ објавил најмалку осум статии врз основа на информации што им ги дал Литлџон.
Се додава дека протекувањето на информации „предизвикало штета на угледот и финансиите, јавен срам, неправедно го нарушило нивниот деловен углед, ги претставило во лажна светлина и негативно влијаело врз претседателот Трамп и јавниот углед“ на другите тужители, пренесува Танјуг.








