Мицкоски: Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент

Макфакс

30/01/2026

14:23

110

Големина на фонт

а а а

Со Еразмус+ младите имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент кој овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој, изјави премиерот, Христијан Мицкоски на настан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – Еразмус+, на кој беа објавени програмските приоритети за 2026 година.

Мицкоски кажа дека преку Еразмус+, нашата држава активно придонесува кон развојот на образованието, младинските политики и неформалното учење, поттикнувајќи меѓународна соработка, интеркултурен дијалог и унапредување на знаењата и вештините на младите.

„Особено сакам да истакнам дека за 2026 година е обезбеден, како што веќе слушнавте најголемиот буџет во оваа финансиска рамка во вкупен износ од над 8 милиони евра. Ова не е случајно. Ова е резултат на јасна определба, да се вложува таму каде што приносот е најголем: кај младите луѓе“, кажа Мицкоски.

Тој рече дека еден од значајните инструменти што директно ги засега младите е Европската младинска картичка која им овозможува на младите попусти и поволности во 38 европски држави, во области како што се патување, култура, образование, спорт и секојдневни услуги.

„Преку програмата Еразмус+, младите и младинските работници од нашата земја имаат пристап до моќен европски финансиски инструмент што овозможува меѓународна мобилност, учење и професионален развој во полето на младинската работа. Истовремено, Еразмус+ е клучен европски механизам и за студентите и универзитетите“, кажа Мицкоски.