Ракот на дебелото црево повеќе не е болест резервирана исклучиво за постарата популација. Лекарите предупредуваат на загрижувачки тренд на пораст на бројот на заболени меѓу лицата помлади од 50 години, а стапката на смртност во оваа возрасна група станува алармантна.
Според податоците на организацијата „Cancer Research UK“, годишно од оваа болест умираат повеќе од 17.000 луѓе, додека научниците ширум светот се обидуваат да откријат што стои зад овој нагол пораст.

На кои симптоми помладите мора да реагираат?
Кај помладите пациенти болеста често се дијагностицира во подоцнежни фази, бидејќи симптомите се занемаруваат. Најчестите знаци кои укажуваат на проблем се:
• Болки во стомакот (кои се повторуваат или траат подолго време).
• Присуство на крв во столицата.
Покрај овие два клучни знака, обрнете внимание и на:
• Промени во празнењето на цревата (запек или дијареја што не поминуваат).
• Необјаснето губење на телесна тежина.
• Намален апетит.
• Замор, мачнина и повраќање.

Водечка причина за смрт кај помлади мажи
Д-р Кристин Молменти, епидемиолог од Њујорк, истакнува дека ова станало огромен јавно-здравствен проблем. Податоците се сурови: ракот на дебелото црево станал водечка причина за смрт од канцер кај мажите помлади од 50 години, додека кај жените во истата возрасна група е на второ место.

Кои се главните причинители?
Експертите сметаат дека начинот на живот игра пресудна улога во оваа црна статистика. Главните виновници се:
• Високо преработена храна (брза храна, грицки, месни преработки).
• Недостаток на физичка активност и седечки начин на живот.
• Консумација на алкохол и пушење.
Посебна претпазливост им се препорачува на лицата кои веќе боледуваат од воспалителни болести на цревата, како Кронова болест или улцерозен колитис, бидејќи тие спаѓаат во група со зголемен ризик. Лекарите апелираат, доколку кој било од симптомите трае подолго време, веднаш да се обратите кај матичниот лекар – раната дијагностика во овој случај спасува живот.












