ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ поднесува амандмани за членот од Кривичниот законик што самите го укинаа пред три години

Макфакс

23/01/2026

13:11

163

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ реагира на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.

„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.

„Сите штетни договори, тендери и закони се потпишани во нивно време. Па и оние што ги укинаа – како членот 353 со кој си се амнестираа од криминал и си ги заштитија своите функционери“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, токму СДСМ го избришала тој член од Кривичниот законик, а сега „глумат дека сакаат да го вратат“.

Во соопштението се додава дека новиот Кривичен законик, којшто Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ планира да го донесе оваа година, ќе биде во согласност со Канцеларијата на Европа и Венецијанската комисија.

„Ќе има одговорност за секој што ќе се огреши пред законот!“, стои на крајот од соопштението на партијата.

СДСМ поднесе амандмани на сопствените измени на Кривичниот законик

СДСМ претходно денеска најави дека поднесоа повеќе амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, меѓу кои и измена на членот 353 – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и враќање на решението што важеше пред измените на Кривичниот законик од 2023 година.

„Сегашните измени кај членот 353 ја намалуваат одговорноста кај најважното – тендерите. Ова мора да се промени“, велат од СДСМ.

Филипче јавно има признаено дека згрешиле со измените

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во 2024 година, по изборите на кои ја загубија власта, изјави дека згрешиле со Кривичниот законик кој го донесе неговата партија, а со кој на обвинетите корумпирани функционери има застаруваат делата. Филипче тогаш кажа дека за време на изборната кампања, средбите со граѓаните и резултатите на изборите увиделе дека направиле грешка со измените кои самите ги предложија и ги изгласаа во Собрание.

Измените на кривичниот законик во 2023 беа донесени преку ноќ, со европско знаменце

На 6 септември 2023 преку ноќ беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.