Сакате да го вежбате вашиот холандски, но зимата во Амстердам не ви изгледа привлечно? Без грижа, можете да одмарате на Карипското Море, на Аруба, и тоа преку Холандија.
Аруба е една од четирите конститутивни држави на Кралството Холандија, а се наоѓа на околу 25 километри северно од Венецуела. Бидејќи е многу јужно во Карипското Море, на островот нема урагани кои се специфични за овој дел од светот, па климата е значително посува, а треба навистина да сте голем баксуз за овде наместо сонце да ве зафати невреме, бидејќи Аруба има околу 300 сончеви денови годишно.
Со други зборови, Аруба е дестинација на вечна пролет и лето со просечна температура од 28 степени.

Островот е мал и лесно се обиколува – долг е само 30, а широк 9 километри, со највисок рид од 188 метри. Тоа го прави идеален за оние кои својот одмор го замислуваат како излежување на бескрајни тропски плажи со коктел во рака, но и за истражување на локалните природни атракции.
Поради тоа Аруба е и една од најпопуларните туристички дестинации на Карибите. Според податоци од 2024 година, на секој жител на островот годишно доаѓаат околу 13 туристи.

Туристите можат да уживаат во километри бели плажи, нуркање, едрење, параглајдинг, кајтсурфинг, па дури и возење со подморница. На плажата Де Палм Ајленд можете да пливате и одблиску да ги видите фламингата.
Дури една петтина од островот зафаќа Националниот парк Арикок, во кој растат специфични видови кактуси. Покрај голем број пештери, заливи и плажи, овде можат да се видат и ендемски видови животни, како што е арубанската ѕвечарка.
На североистокот на Аруба расте дрво со извиткано стебло, свиткано до самиот песок, по име фофоти или диви-диви, кое е специфично само за Аруба, а го обликува постојаниот ветер.
Поради сувата клима, овде многу добро се приспосoбиле и ноевите, а на фарма за ноеви можете да ги храните, но и да пробате бургер од ној. Покрај холандските специјалитети, речиси на секој чекор можете да наидете и на јадења од индонезиската кујна – традиција што потекнува од колонијалната врска меѓу Холандија и Индонезија.
Главниот град на Аруба се вика Орањестад, што значи „портокалов град“, но името е поврзано со холандската кралска династија Орање-Насау. Поголемиот дел од локалното население зборува шпански и англиски, додека за комуникација со жителите можете да се послужите и со креолскиот јазик папјаменто.
Аруба често ја нарекуваат најсреќниот остров во светот, со опуштен ритам на живот, пријателски настроени локалци и прекрасна природа.











