Улогата на муџахедините од Албанија во протестите ширум Иран

Точка

21/01/2026

18:38

549

Големина на фонт

а а а

Околу 3.000 членови на опозициската Организација на народни муџахедини на Иран (МЕК) се засолниле во Албанија, а се тврди дека МЕК има важна улога во протестите во Иран.

Воспоставениот камп во Манза, малото село во централна Албанија во близина на главниот град Тирана е дом на околу 3.000 членови на Организацијата на народни муџахедини на Иран (ПМОИ или Моџахедин е-Калк – МЕК). Тие се во Албанија од 2013 година, кога албанската влада се согласила да ги прими по барање на САД И Обединетите нации, пишува Дојче Веле.

Што е МЕК?

ПМОИ или МЕК е исламска политичка опозициска група со социјалистички тенденции. Основана е во Иран во 1965 година, водела вооружена борба против владејачката династија Пахлави, организирајќи бомбашки напади против владата на шахот и американските цели во текот на 70-тите поддржувајќи го ајатолахот Хомеини во Исламската револуција 1978/1979.


Но набргу по револуцијата МЕК се разделил од новата власт во Техеран и бил забранет во земјата. Потоа организацијата била преместена во странство, продолжувајќи ги своите опозициски активности од егзил.

МЕК подоцна се преселил во Ирак, од каде што за време на иранско-ирачката војна спроведувал операции против Иран – нешто што многумина во Иран до ден – денешен му замеруваат.

Американскиот Стејт департмент ја прогласи МЕК за терористичка организација во 1997 година, но ја отстрани од листата во 2012 година. Оваа организација беше првата што објави во 2002 година дека Иран има тајна програма за збогатување на ураниум. По соборувањето на Садам Хусеин, таа беше протерана од Ирак.

Неодамнешните протести во Иран

За Андреас Криг, експертот за Блискиот исток и виш предавач на Школата за безбедносни студии на „King’s College“ во Лондон, актуелниот бран протести во Иран „изгледа помалку како единствен настан“ а повеќе како постепено спојување на долготрајни незадоволства кои конечно се синхронизирале“.

„Започна со акутен економски шок – колапсот на валутата и инфлацијата која се претвори во непосредни скокови на цени, недостиг и парализа на трговијата – а потоа брзо се политизираше кога луѓето заклучија дека државата или не е во можност или не е подготвена да го стабилизира секојдневниот живот“, изјави тој за ДВ.


„Она што е посебно е профилот на коалицијата: пазарите и трговците помогнаа да се создаде моментум, студентите и урбаните населби ја одржаа видливоста, а периферните градови и малцинските области обезбедија ширина“, додаде Криг. „Одговорот на државата брзо се префрли од одвраќање кон репресија, вклучително и национална блокада на комуникациите насочена кон забавување на координацијата и намалување на надворешниот надзор, што обично се совпаѓа со построга употреба на сила на терен“, објасни тој.

Фрагментирана опозиција

И покрај фактот дека во Иран во последните децении имаше многу протести на национално ниво, иранската опозиција – и во земјата и во странство не е организирана и е обележана со голем број ривалски групи и идеолошки фракции.

Криг објасни: „Во Иран колективното дејствување главно е без водач и вмрежено: локална мобилизација, социјални мрежи, динамика на работните места и сеучилишни екосистеми произведуваат бранови на координирани протести без интегрирана национална командна структура“.

Иранска опозиција во странство

Надвор од Иран двете најголеми опозициски групи се монархистите и МЕК. Водачите и членовите на двете групи живеат во егзил уште од соборувањето на династијата Пахлави во 1979 година.


Реза Пахлави, наследникот на последниот ирански шах Мохамед Реза Пахлави живее во САД. Иако има многу поддржувајќи во рамки на иранската дијаспора, останува нејасно колкава поддршка има во самиот Иран.

„Надвор од Иран дијаспората останува влијателна во обликувањето на наративот и моралот, но организациски е поделена и често не ѝ се верува во рамки на самата земја, каде луѓето се плашат од манипулација и вакуумот по можниот колапс“, истакна Криг.

Каква улога има МЕК во протестите?

Втората голема иранска опозициска група е МЕК, најголемиот член на Националниот совет за отпор на Иран (NCRI), коалиција на ирански опозициски групи. Но, каква улога има МЕК во неодамнешните немири?

Али Сафави од „NCRI“ вели дека МЕК бил активно вклучен во протестите.


„Неговите единици на отпорот го насочуваат, координираат и организираат отпорот против репресивните сили“ рече тој за ДВ. „Во бројни случаи исто така играле важна улога во заштитата на протестантите од налетот на IRGC (Корпусот на исламската револуционерна гарда). Да не беа тие режимот многу брзо ќе ги задушеше протестите“. Сафави додаде дека „значителен број активисти на МЕК се меѓу 3.000 лица кои биле убиени од безбедносните сили“.

МЕК – проблеми со легитимитетот кај многу Иранци

За експертот за Блискиот Исток Криг, кога станува збор за МЕК, „важно е да се одвои перципираниот досег од вистинското присуство на терен“.

„Организацијата е дисциплинирана, медиумски вешта и способна да генерира бучава, лобистички притисок и голем обем на пораки од странство. Сепак, таа има сериозни проблеми со легитимитетот кај многу Иранци поради нејзината историја, обвинувањата за внатрешна контрола и долгорочен егзил – фактори што ја ограничуваат нејзината способност да дејствува како обединувачка алатка на опозицијата во земјата. Затоа имаат смисла тврдењата дека функционира како странски „тројански коњ“. Криг оценува дека МЕК „нема никаква улога во водењето на овие протести“.

МЕК сега ја повикува Европа да преземе решителни мерки против иранската влада. Сафави од „NCRI“ вели: „Европа мора веднаш да го прогласи Корпусот на Исламската револуционерна гарда (IRGC) за терористичка организација, да ги протера дипломатите на режимот, да ги повлече своите амбасадори од Техеран, да го исклучи режимот од меѓународниот финансиски систем, да ја бојкотира продажбата на нафта и да ги изведе неговите лидери пред меѓународни судови за да се соочат со обвиненија за злосторства против човештвото. Ова ги вклучува врховниот лидер Али Хаменеи и други високи функционери“.


Поглед од Албанија

Албанските медиуми редовно известуваат за протестите и МЕК во Албанија откако започнаа протестите во Иран. Додека членовите на МЕК во Албанија се активни на социјалните мрежи, споделувајќи објави и фотографии поврзани со демонстрантите кои ги загубиле животите и членовите на МЕК за кои тврдат дека биле убиени за време на протестите.

Албанскиот премиер Еди Рама, кој ги прекинал дипломатските односи со Иран во септември 2022 година по обвинувањата дека Исламската Република организирала сајбер напади врз Албанија, досега не коментирал за протестите во Иран.