Вистина е: Едно од омилените и најпрепознатливите јадења на Македонците може да предизвика труење, бабите знаеле зошто...

Точка

21/01/2026

17:29

742

Големина на фонт

а а а

Како може гравот, кој е редовно на менито во многу домаќинства и кој е сметан за една од најздравите намирници да биде избран за отровно растение на годината? Ботаничката градина Хамбург-Вандсбек повеќе од 20 години го избира отровното растение на годината, а за 2026 година тоа е токму гравот. Еве како треба да се подготви за да се избегне труењето.

Повеќе од 20 години, Ботаничката градина Хамбург-Вандсбек го избира отровното растение на годината.

Тие знаат за што зборуваат таму: меѓу цветните леи и грмушките растат многу растенија кои се заводливо убави, но исто така се и многу отровни.


Во согласност со традицијата што трае повеќе од две децении, германската ботаничка градина Хамбург-Вандсбек, , на изненадување на многумина, му ја додели титулата отровна билка за 2026 година на обичниот грав (Phaseolus vulgaris).

Со 516 гласови (30,0%), обичниот грав (Phaseolus vulgaris) беше избран за отровно растение на годината 2026, оставајќи зад себе многу класично опасни кандидати.

Станува збор за мешунка што редовно се користи во исхраната низ цела Европа. Во овогодинешниот избор, обичниот грав ги надмина добро познатите отровни растенија.

На второ место се најде Бругмансија (ангелски труби) (Brugmansia suaveolens) – 27,9%, на трето:

Кукута (пегава кукута) (Conium maculatum) – 16,4%,на четврто: Божиќна роза (Helleborus niger) – 14,2% и на петто: Волчја јагода (Daphne mezereum) – 11,5%.

Според германското списание „Kraut und Rüben“, целта на оваа одлука не е да се предизвика страв, туку да се подигне свеста за важноста на правилното подготвување на оваа храна.

Оваа информација ја објавија и некои хрватски портали, а платформата за проверка на факти „Точно така“ провери дали оваа информација е точна, бидејќи гравот е една од омилените намирници и во Хрватска.


Од порталот за проверка на информациите побарале коментар за тоа дали оваа информација има медицинска валидност, од проф. д-р Инес Дренјанчевиќ, претседател на Одделот за физиологија и имунологија, од Медицинскиот факултет во Осиек.

Професорката потврдила дека обичниот грав навистина содржи фитохемаглутинин, лектин од растението што може да се врзе за гликопротеините на површината на клетките. Тој е особено присутен кај црвениот грав. Консумирањето сиров или недоволно зготвен грав може да предизвика симптоми како што се гадење, повраќање и дијареја, обично во рок од неколку часа по консумирањето.

Понатаму, наведува дека студиите врз животни покажуваат дека фитохемаглутининот може да ја оштети клеточната бариера и да наруши одредени заштитни механизми во клетката.

Токсичноста на гравот може значително да се намали или елиминира со соодветна подготовка – готвење, потопување во вода или со автоклавирање.

Токму ова домаќинките обично и го прават. Вообичаена практика е сувиот грав да се потопи преку ноќ и да се исфрли првата вода пред готвењето. Друг метод на подготовка вклучува варење на сувиот грав до вриење, по што водата се исфрла и готвењето се продолжува во нова вода. Конзервираниот грав, кој веќе е термички обработен, не содржи фитохемаглутинин и не се смета за токсичен.


Значи, вистина е дека, доколку не е внимателно термички обработено, ова омилено јадење може да предизвика труење, па и нашите баби знаеле зошто ја фрлаат првата вода, пишува „Точно така“, наведувајќи дека ова е медицински докажано тврдење.