Романтични улички каде што се сретнуваат историјата и уметноста, море од шарени покриви кои како да го допираат небото, лавиринт од куќички во сите можни пастелни и живописни бои – сето тоа го има Селото на културата Гамчеон во Пусан, Јужна Кореја.
Поради прекрасниот пејзаж кој го опкружува, оваа живописна населба добила прекари „Мачу Пикчу на Кореја“ и „корејски Санторини“, а откако закрепнала од бурното и болно минато, стана ултимативна туристичка атракција и гордост на вториот најголем град на Јужна Кореја, во кој денес живеат околу 3,5 милиони жители.
Куќите се обновени, а отворени се и бројн музеи и слатки сувенирници
Изграден на падините на стрмна планина, Гамчеон во 1920-тите и 1930-тите години бил работнички кварт а по Корејската војна, која траела од 1950 до 1953 година, таму се доселиле околу 800 бегалски семејства. Се живеело во скромни дрвени куќички, но крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите, со зголемувањето на бројот на жители, во населбата почнале да никнуваат и куќи со два ката. Сепак, сиромаштијата и лошите животни услови долго време не можеле да се искоренат.

Голема пресвртница се случила во 2009 година, кога студентите, бројни домашни уметници, но и самите жители, одлучиле да го трансформираат целото западно подрачје на Бусан. Со помош на Министерството за култура, спорт и туризам бил спроведен јавен проект за обнова, а Гамчеон бил претворен во волшебно културно средиште. Сите куќи, изградени на терасест терен, биле обновени, а во населбата биле отворени и бројни музеи и продавници за сувенири.
„Поединецот може да расте само кога ќе дозволи и другите да напредуваат“
Освен бегалците, историјата на ова село ја обележала и аскетската верска заедница Таегукдо, која настанала за време на политичките превирања во Кореја на почетокот на 1900-тите. Иако денес се релативно ретки, членовите на оваа религија веруваат дека значењето на универзумот може да се разбере преку т.н. филозофија на големиот поларитет, која вклучува концепти на јин и јанг. Тоа е видливо и во архитектурата на Гамчеон.

Како што своевремено пишувал „CNN“, повеќеслојниот комунален распоред во овој кварт во Бусан бил внимателно испланиран. „Сè се градело во слоеви, така што ниту една куќа не ја блокира другата, што се совпаѓа со учењата на Таегукдо, кои велат дека поединецот може да расте само кога ќе им дозволи напредок и на другите“, изјавила Ким Кје-јонг, локална претставничка на споменатата религија.
Најдобриот поглед на целото село е од видиковецот „Небесна градина“
Сите улици во Гамчеон денес се украсени со мурали и уметнички инсталации. Тука се скулптури на птици и јата риби, импресивни фигури посветени на култниот детски роман „Малиот принц“… Навистина е уживање да се изгубиш во тој бајковит лавиринт, да откриваш совршени локации за фотографии и да создаваш незаборавни спомени.

Сепак, одредени жители не можеле да се носат со изненадната популарност на квартот
Некогаш бегалски камп и маргинализирана сиромашна четврт, Селото на културата Гамчеон во Бусан денес е вистински музеј на отворено и уникатна уметничка оаза. Но, сè поголемиот прилив на туристи, кој се проценува дека годишно изнесува и до 1,5 милиони, значително ја променил оваа станбена заедница.


Многу жители биле изненадени од ненадејната популарност и се иселиле од квартот. Денес, најмалку 300 куќи се напуштени, а градските власти постепено ги претвораат во уметнички галерии, музеи и кафулиња.














