Германија предупредува: Плановите на Трамп за Гренланд може да го загрозат НАТО

Макфакс

13/01/2026

08:15

372

Големина на фонт

а а а

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека сојузниците во НАТО мора да соработуваат кога станува збор за безбедноста и дека Гренланд и Данска треба да одлучат за иднината на островот, за кој американскиот претседател Доналд Трамп вели дека треба да им припадне на САД.

Коментарите на Вадефул следеа по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио, во услови на зголемени тензии околу намерите на Вашингтон кон Гренланд, автономен регион на Данска, за која Трамп тврди дека е од витално значење за безбедноста на САД.

Вадефул изјави дека разговорите со Рубио биле пријателски и интензивни и дека ја нагласиле важноста на сојузот меѓу европските земји и САД. Сепак, тој го повтори ставот на други европски политичари, отфрлајќи ја отворената намера на Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд, со што им пркоси на сојузниците во НАТО.

„Безбедноста во северниот Атлантик ќе ја зајакнеме само ако работиме заедно, солидарно и обединето“, им изјави тој на новинарите. „Затоа, кога станува збор за прашањата што се однесуваат на Гренланд и Данска, на Гренланд е да одлучи – на луѓето на Гренланд е да одлучат.“



Спорот околу Гренланд ги засили стравувањата во Европа за иднината на НАТО-сојузот, за кој данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека би бил доведен до крај доколку САД го заземат островот.

Вадефул рече дека тој и Рубио се согласиле за важноста на сојузот во напорите да се обезбеди траен мир во Украина, додавајќи дека двајцата се посветени на таканаречените одредби од членот 5 на НАТО-договорот, кои ги обврзуваат земјите членки да ја бранат нападнатата членка.

„И во овој период на неизвесност и кризи, тоа е од пресудно значење. Ова е јасен сигнал до Русија дека не треба да се обидува да го загрози НАТО-сојузот“, изјави тој.