[ФОТО] Излеани реки, поплавени подруми, гаражи и дворови во Охрид и Битола, во Кичево евакуирани околу 100 луѓе

Макфакс

08/01/2026

10:47

1.203

Големина на фонт

а а а

Поради обилните врнежи од дожд, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште, Општина Гостивар, е тешко прооден. За состојбата се известени ЕЛС Гостивар и ПС Чегране, информираше Центарот за управување со кризи.

Забележано е излевање на Лакавичка река во село Мало Турчане и на Сушечка река во село Горна Бањица, Општина Гостивар. За настаните се известени надлежните институции и службите за итно дејствување, кои ја следат состојбата на терен.


Во Општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се известени и постапуваат по пријавите. Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.


Во Општина Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе станбени објекти. Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираа екипи на Црвен крст, ДЗС, РЦУК Кичево, ТППЕ Кичево, ЈП Комуналец и Општина Кичево.

На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.


Регистрирани се и излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината, извести ЦУК.


Поради обилните врнежи од дожд е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. Во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување приоритети и координација на активностите на терен, соопшти ЦУК.