Данската премиерка, Мете Фредериксен, издаде остро предупредување дека евентуалниот напад на САД врз Гренланд би значел крај на НАТО.
„Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд треба да се сфатат сериозно“, рече Фредериксен во интервју за TV2.
„Но, исто така, ќе разјаснам дека ако САД одлучат воено да нападнат друга земја-членка на НАТО, тогаш сè запира, вклучително и НАТО, а со тоа и безбедноста што е воспоставена од крајот на Втората светска војна“, додаде Фредериксен, истакнувајќи дека анексијата на арктичкиот остров би значело дека „сè запира“.
Доналд Трамп долго време се залага островот богат со минерали, кој е во голема мера автономен, но е дел од Данска, да се придружи на САД. Тој го нарекува таквиот потег стратешка неопходност, без да ја исклучи употребата на сила или економска принуда.
„Ни треба Гренланд поради националната безбедносна ситуација“, им рече тој на новинарите на авионот „Ер Форс Уан“ во неделата. „Ќе се справиме со Гренланд за околу два месеци. Ајде да разговараме за Гренланд за 20 дена“, додаде тој, без да открие детали за своите планови.
Најновите изјави на Трамп дојдоа откако САД започнаа напади врз Венецуела и го уапсија нејзиниот лидер, Николас Мадуро. Драматичната акција предизвика страв во Европа дека Вашингтон може да се почувствува охрабрен да го анектира Гренланд следно.
Зошто Трамп го сака Гренланд?
Трамп првпат отворено изрази интерес за стекнување на Гренланд во 2019 година, за време на неговиот прв мандат, кога ја нарече идејата за купување на арктичкиот остров „голема зделка со недвижнини“. Предлогот потоа предизвика дипломатски скандал откако Данска го отфрли како апсурден, што го натера Доналд Трамп дури и да ја откаже официјалната посета на Копенхаген.
Иако првично се сметаше за лекомислена, опсесијата на Трамп со Гренланд оттогаш повремено се појавува во неговите јавни настапи, особено во контекст на националната безбедност и глобалната конкуренција со Кина и Русија.
Гренланд има исклучителна геостратешка вредност поради неговата локација во Арктикот, богатите наоѓалишта на ретки минерали и клучната американска воена база Туле, која е дел од американскиот систем за ракетна одбрана. Островот има широка автономија, но формално ѝ припаѓа на Данска, а неговите жители со години дискутираат за можна независност.
Изјавите на Трамп за можна употреба на сила или економска принуда дополнително ги затегнаа односите во рамките на алијансата, бидејќи секоја еднострана американска акција против Гренланд би поставила преседан во рамките на НАТО.










