Велика Британија е со Данска: Америка да ја објасни акцијата во Венецуела

Макфакс

05/01/2026

15:45

215

Големина на фонт

а а а

Британскиот премиер Кир Стармер денес ја осуди изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за намерата на Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд, велејќи дека „застанува зад премиерката на Данска“.

„Данска е близок европски сојузник, близок сојузник во НАТО и затоа во иднина мора да бидат само Гренланд и Кралството Данска“, рече Стармер, пренесува „Скај њуз“.

Стармер истакна дека сака да биде „апсолутно јасен во врска со ова“, наведувајќи дека на луѓето што живеат во Гренланд, како и на данските власти, им е доверено да одлучат за иднината на Гренланд.

Зборувајќи за ситуацијата во Венецуела откако САД го заробија претседателот на таа земја, Николас Мадуро, Стармер рече дека ситуацијата е „нејасна“.

„Венецуела има потреба од мирна транзиција кон демократија. Тоа беше нашиот став пред викендот, а таков останува и сега. Меѓународното право е рамката, сидрото или референтната точка врз основа на која ги оценуваме постапките на другите влади. И секако, од САД зависи да ги оправдаат своите постапки. Не е лесно“, рече Стармер.

Данската премиерка претходно го повика Вашингтон да „прекине со заканите“ против „историски близок сојузник“ и нација која јасно кажа дека не е на продажба.

Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, претходно денес изјави дека изјавите на Трамп за потребата на Америка од Гренланд се „целосно неприфатливи“ и претставуваат „непочитување“, со пораката дека „е доста“.

На 3 јануари, САД го нападнаа главниот град на Венецуела, Каракас, и го уапсија претседателот на таа земја, Николас Мадуро, и неговата сопруга.

Мадуро моментално е во Њујорк, каде што се очекува денес да се појави на судење по обвинение за трговија со дрога и оружје.