Манчестер Јунајтед очекуваше стабилност и долг проект со Рубен Аморим како предводник на клубот, но 14 месеци подоцна, ерата на Португалецот како менаџер на „црвените ѓаволи“ дојде до својот крај.
Разочарувачките резултати воопшто не му помогнаа на Аморим да си ја задржи својата работа на „Олд Трафорд“, но вчерашното експлозивно обраќање во јавноста иницираше бура од која немаше враќање назад, па така Јунајтед утрово му врачи отказ на Португалецот.
Ексклузивната на „Атлетик“ брзо стана топ тема во јавноста, а сега со соопштение се јави и Манчестер Јунајтед кој со пет реченици ја објасни разделбата со Аморим.
Иако во соопштението има шест реченици, последната му е посветена на привремениот менаџер Дарен Флечер, а воведните пет се наменети за веќе поранешниот предводник на првиот тим.
Од краткото соопштение, за издвојување е една брутална реченица која секако е „отровна стрела“ за Португалецот, бидејќи од клубот порачуваат дека отказот на Аморим е добра шанса за тимот да избори што подобар пласман до крајот на сезоната.
– Рубен Аморим веќе нема да ја извршува функцијата на главен тренер во Манчестер Јунајтед. Рубен беше назначен во ноември 2024-та година и го водеше тимот до финалето во УЕФА Лигата на Европа во Билбао минатиот мај. Со оглед на тоа што Манчестер Јунајтед е шести во Премиер лигата, раководството на клубот донесе одлука дека е вистинско време за пормена. Ова ќе му даде на тимот најдобра шанса за што повисок пласман во Премиер лигата. Клубот му се заблагодарува на Рубен за неговиот придонес во клубот и му посакува се најдобро во иднина. Дарен Флечер ќе го води тимот против Барнли на натпреварот кој се игра во среда, – порачаа „ѓаволите“.





