Данската премиерка Мете Фредериксен денес им порача на САД дека нема смисла да се зборува за потребата од преземање на Гренланд, данска автономна територија, и да се престане со закани кон „историски близок сојузник“.
Фредериксен го напиша ова во порака на мрежата X откако сопругата на шефот на кабинетот на Белата куќа, Кејт Милер, објави мапа на Гренланд покриена со американско знаме на социјалните мрежи со зборовите „наскоро“.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано повторуваше дека на Америка ѝ е потребен Гренланд за национална безбедност, денес во интервју за списанието „Атлантик“ изјави дека на Америка „навистина ѝ е потребен Гренланд“, кој, како што додаде, е опкружен со руски и кинески бродови.

Тензиите меѓу САД и Данска околу Гренланд повторно ескалираа кон крајот на декември, кога Трамп објави дека ќе назначи специјален пратеник за оваа голема данска автономна територија.
Данската премиерка ги повика САД да престанат да се закануваат на „историски близок сојузник, и на друга земја и на друг народ кои многу јасно ставија до знаење дека не се на продажба“.
– Кралството Данска, а со тоа и Гренланд, е членка на НАТО и затоа е опфатено со колективната безбедносна гаранција на Алијансата. Веќе имаме договор за одбрана меѓу Кралството Данска и Соединетите Американски Држави што им дава на САД широк пристап до Гренланд. Покрај тоа, Кралството направи значајни безбедносни инвестиции во Арктикот, напиша Фредериксен на мрежата X.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредрик Нилсен, исто така реагираше на Фејсбук, истакнувајќи дека сликата покажува непочитување и дека односите меѓу земјите и народите се засноваат на почитувано и меѓународно право, а не на симболи што го игнорираат нивниот статус и права, објави Ле Фигаро на својата веб-страница.
„Но, нема причина за паника или грижа“, додаде премиерот на Гренланд, потсетувајќи дека Гренланд „не е на продажба“ и дека неговата иднина „не се одлучува на социјалните медиуми“.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон, исто така, напиша на X дека „само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“, додавајќи дека Шведска целосно го поддржува својот сосед, Данска.











