[ВИДЕО] Трамп за фаќањето на Мадуро: „Дали видовте што се случи, јa видовте ли таа брзина, беше како да гледам ТВ-шоу“

Точка

03/01/2026

17:13

3.762

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп изјави дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес биле заробени во брза воена операција на САД во Венецуела и дека се на пат кон Њујорк, каде што против нив веќе се покренати обвиненија.

Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп наведе дека акцијата била спроведена ноќеска, а претходно била одложена неколку дена поради неповолни временски услови.

„Тие убија многу луѓе – многу Американци, но и луѓе во нивната сопствена земја“, изјави Трамп, додавајќи дека Мадуро бил фатен во објект кој личел на утврдена тврдина, опкружена со цврст челик.

„Кога беше заробен, Мадуро беше во куќа која повеќе наликуваше на тврдина, со цврст челик наоколу. Мислам дека нема загинати американски војници во акцијата, неколкумина биле погодени, но се очекува да бидат добро. Да се гледа фаќањето на Мадуро беше како ТВ-шоу. Ниедна друга држава не би можела да изведе таков маневар“, рече Трамп.

Според него, тој разговарал со Мадуро околу една недела пред акцијата и му порачал да се предаде.

На прашањето дали САД ќе ја поддржат лидерка на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, како можна идна власт, Трамп изјави дека тоа допрва ќе се разгледува.

„Венецуела има потпретседател. Не знам какви избори беа тоа, но изборот на Мадуро беше срам“, рече тој.

Трамп повтори дека САД губат стотици илјади животи годишно поради трговијата со дрога и тврди дека со апсењето на Мадуро ќе се стави крај на тоа.

Американските власти со години го обвинуваат Мадуро дека стои на чело на меѓународна мрежа за трговија со дрога, што венецуелскиот претседател постојано го негира. Според Трамп, против него биле покренати обвиненија поврзани со дрога и трговија со оружје.