Анимираниот филм „Zootopia 2“ достигна историска пресвртница и официјално стана најуспешниот филм на сите времиња во продукција на студиото „Walt Disney Animation“.
По кино-премиерата на 26 ноември, филмот досега оствари заработка од 1,46 милијарди долари во кината ширум светот.
Како што наведува „Variety“, со овој резултат „Zootopia 2“ го надмина досегашниот рекордер на студиото, „Frozen 2“ од 2019 година, кој вкупно заработи 1,45 милијарди долари.
Сепак, титулата за најуспешен анимиран филм на сите времиња на глобално ниво и понатаму ја држи кинескиот семеен филм „Ne Zha 2“, кој од февруари 2025 година има остварено заработка од 2,2 милијарди долари ширум светот.
Во текот на декември, филмот „Zootopia 2“ урна низа рекорди. Најпрво, на 12 декември, филмот се приклучи на групата остварувања што ја надминале границата од една милијарда долари заработка, со што стана најбрзиот анимиран филм во издание на „Motion Picture Association“, како и најбрзиот филм со „PG“ ознака што го достигнал тој успех.
Филмот, во режија на Џаред Буш и Бајрон Хауард, оствари и четврта најголема глобална премиера во историјата, најголема глобална премиера за анимиран филм, како и најголем викенд на премиерно прикажување за кој било филм на светско ниво во 2025 година.

Во продолжението, гласовите ги позајмија Џинифер Гудвин и Џејсон Бејтман во улогите на полициските партнери Џуди Хопс и Ник Вајлд, кои, според официјалниот синопсис, се здружуваат за да го решат „најопасниот и најсложениот случај во нивните кариери“.
На актерската екипа повторно ѝ се приклучуваат Идрис Елба, Шакира и Џени Слејт, додека меѓу новите имиња се Ке Хуј Кван, Фортјун Фејмстер, Енди Самберг, Квинта Брансон, Дени Трехо и други.
Во соопштението на компанијата „Walt Disney“ од 12 декември е наведено и дека е забележан зголемен интерес на стриминг-платформата „Disney+“ за оригиналниот филм „Zootopia“ од 2016 година, како и за кратката серија „Zootopia+“ од 2022 година.











