[ВИДЕО] Ривалдо има посебна соба само за трофеите: Погледнете како изгледа

Точка

30/12/2025

14:27

459

Големина на фонт

а а а

Легендарниот бразилски фудбалер Ривалдо на социјалните мрежи објави снимки од просторијата во која ги чува сите свои трофеи. Собата на Ривалдо изгледа како музеј посветен на неговата богата кариера. Во прв план се највредните трофеи – „Златната топка“ и пехарот од Светското првенство во 2002 година.

Витор Борба Фереира, попознат како Ривалдо, е бразилски поранешен професионален фудбалер, роден на 19 април 1972 година во Ресифи. Професионалната кариера ја започна во Санта Круз во 1991 година. Неговата исклучителна техника, дриблингот и силниот удар со левата нога брзо го привлекле вниманието на европските клубови.

Во 1996 година Ривалдо премина во Депортиво Ла Коруња, а потоа во 1997 година во Барселона, каде што ги оствари најголемите успеси во клупската кариера. Во Барселона формираше успешно партнерство со Патрик Клајверт и освои две последователни титули во „Ла Лига“ во 1998 и 1999 година, како и „Копа Дел Реи“ во 1998 година. Во текот на пет сезони постигна 130 голови на 235 натпревари, со што се вброи меѓу најдобрите стрелци на Барселона на сите времиња.

Најпознатиот момент од неговата кариера се случи во јуни 2001 година, кога постигна хет-трик против Валенсија со кој ја квалификуваше Барселона во Лига на шампиони 2001/02. Последниот гол беше со спектакуларни „ножички“ од околу 20 метри во последната минута, а тој хет-трик често се смета за еден од најдобрите во историјата.

По Барселона, Ривалдо во 2002 година потпиша тригодишен договор со Милан, каде што ги освои Купот на Италија и Лигата на Шампионите во сезоната 2002/03.

Репрезентативна кариера

За бразилската репрезентација Ривалдо одигра 74 натпревари и постигна 35 голови во периодот од 1993 до 2003 година. Освои бронзен медал на Олимписките игри во 1996 година, Куп на Конфедерации во 1997 година, а беше и финалист на Светското првенство во 1998 година.

Врвот на неговата репрезентативна кариера беше Светското првенство во 2002 година, како и Копа Америка 1999, каде што ја освои „Златната копачка“ и наградата за најдобар играч на турнирот.

Индивидуални признанија

Ривалдо во 1999 година ја освои Златната топка и наградата на „FIFA“ за играч на годината. Беше член на листата „FIFA 100“ на најголемите живи фудбалери и двапати беше дел од „FIFA World Cup All-Star“ тимот (1998 и 2002).

По Милан, Ривалдо ја продолжил кариерата во грчкиот Олимпијакос (2004 – 07), каде што освои три последователни титули во грчкото првенство. Настапуваше и за АЕК, узбекистанскиот Буниодкор (каде што беше најдобар стрелец на лигата во 2009 година), како и за неколку бразилски клубови, пред да се пензионира во 2015 година во Моги Мирим. Во текот на кариерата одигра повеќе од 553 клупски натпревари и постигнал над 239 голови.