„Град Скопје денеска направи значаен чекор во насока на целосна и координирана подготовка за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, се воспоставува јасна институционална рамка за партнерска соработка и заедничко дејствување на сите нивоа на локалната самоупр“, соопштија од оваа институција.
Овој чин, како што нагласуваат од Град Скопје, означува нова фаза во процесот на реализација на проектот, во која обединетите институционални капацитети и ресурси ќе бидат ставени во служба на достоинствено, одржливо и успешно претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година.
„Скопје – Европски град на културата 2028! Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, со што официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа.
Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, објави на социјалните мрежи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Потпишувањето на меморандумот, како што истакна, испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога.
„Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните.
Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар.
Со ова, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град.
Најдоброто, доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.











