Македонија претрпе прв пораз во подготовките за Европското првенство, откако вчера нашиот национален тим загуби од подмладената Хрватска во Пореч.
Иако домаќините играа со досега невидена постава на еден натпревар, избраниците на Дагур Сигурдсон успеаја да слават со 26:23, а по средбата, хрватските новинари успеаја да извлечат и мало резиме од македонскиот селектор, Кирил Лазаров.
Кире е свесен дека во актуелниот тим на Македонија постојат неколку „дупки“ кои треба да се санираат до стартот на турнирот, но од друга страна е свесен дека јавноста ќе добиеше уште попогрешна перцепција доколку се оствареше победа над Хрватска.
– Промашивме пет пенали на овој натпревар, од кои три беа на стартот. Со таква реализација не може да направите ништо против Хрватска. Имаме доста проблеми, доста дупки за пополнување, но се обидовме да направиме неколку работи на најдобар начин, пробавме со некои нови сили во тимот.
– Ни недостасуваше Лазаревски, но тоа е што е. Остануваме тука до 30-ти декември, потоа одиме во Швајцарија на подготвителен турнир, а потоа на Европско првенство. Нема да биде лесно, кај нас очекувањата секогаш се многу големи, а ќе беа уште поголеми ако победевме против Хрватска, – изјавил Лазаров, а пренесе „Спортске новости“.





