Буркина Фасо ја победи Екваторијална Гвинеја со 2:1 во првиот натпревар од групата Е на Африканскиот куп на нации. Екваторијална Гвинеја водеше со 1:0 до 95-та минута со погодокот на Марвин Аниебох, но Буркина Фасо со голови во 95-та и 98-та минута стигна до целосен пресврт.
Најпрво Жоржи Минуңгу израмни, а Едмон Тапсоба погоди за победа и големо славје.
Едноокиот напаѓач го постигна голот за почеток на пресвртот
Така денес беше испишана неверојатна спортска приказна, бидејќи 23-годишниот Минуңгу е фудбалер кој гледа само на едното око. Во 2022 година тој премина од втората чешка лига во резервниот тим на „Сиетл Саундерс“ во САД. По година и пол, беше промовиран во првиот тим на „МЛС“ и отпатува на подготовки во Марбеља, но патувањето се претворило во вистински кошмар.

По неколку тренинзи, поради инфекција окото почнало да му отекува и да го чеша. Иако на почетокот не мислел дека станува збор за нешто сериозно, состојбата нагло се влошила. „Станa црно, потоа црвено. По две недели беше целосно бело“, раскажа во јуни за „Sport Bible“. Ниту итната операција не успеала да му го спаси левото око, бидејќи нервите целосно изумреле.
„Понекогаш воопшто не го гледам дефанзивецот – го чувствувам“
Лекарите му рекле дека никогаш повеќе нема да може да игра фудбал, но тој не сакал да се помири со тоа. Го замолил клубот да му дозволи да продолжи со тренинзи. „Реков: ‘Ако сум добар, продолжувам. Ако не сум, престанувам’“. И бил добар.
„Тренирав посилно од кога било. Повеќе не можев сè да видам, но можев да ја почувствувам играта. Можев да ја читам. Се приспособив. Неверојатно е што сè може да постигне мозокот. Понекогаш воопшто не го гледам дефанзивецот – го чувствувам. Тогаш едноставно тргнувам во друга насока. Инстинктот, прегледот на играта, чувството – сè тоа се испреплетува“, објаснува тој.

Откритие на Светското клупско првенство
Фактот што денес е петкратен репрезентативец и стрелец на Африканскиот куп на нации му го должи на Светското клупско првенство, одржано минатото лето. „Овој турнир ме прослави, бидејќи МЛС не се следи секогаш внимателно“, појасни тој во интервју за Африканскиот фудбалски сојуз.
Репрезентацијата на Буркина Фасо, за која настапува иако е роден и израснат во Брегот на Слоновата Коска, сега сигурно е среќна што нивниот фудбалски херој бил откриен во далечна Америка.









