Американски конгресмени се закануваат со тужба поради необјавените досиеја за Епстин

Макфакс

22/12/2025

13:54

163

Големина на фонт

а а а

Двајца американски конгресмени се заканија со правни чекори против државната обвинителка Пем Бонди кога Министерството за правда само делумно ги објави документите поврзани со покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епстин иако законскиот рок истече минатиот петок, пренесе Би-би-си.

Законот за целосна објава на таканаречените Епстинови досиеја беше потпишан во ноември од американскиот претседател Доналд Трамп по притисок од неговите поддржувачи и дел од Републиканската партија. Иако некои од документите беа објавени, многу информации останаа редактирани или нејавно достапни, што предизвика незадоволство кај дел од конгресмените и кај жртвите.

Републиканскиот конгресмен Томас Меси најави можност за поведување постапка за непочитување на Конгресот против Бонди тврдејќи дека Министерството ги крши духот и словото на законот. Тој изјави дека на иницијативата работи заедно со демократскиот конгресмен Рум Хана, кој појасни дека се гради двопартиска поддршка за финансиско казнување на обвинителката за секој ден доцнење.

Од Министерството за правда тврдат дека постапуваат во согласност со законот и дека објавата ќе продолжи во наредните недели. Заменикот на Бонди, Тод Бланш, изјави дека станува збор за повеќе од милион страници документи, од кои голем дел содржат чувствителни информации за жртвите.

Демократскиот сенатор Тим Кејн оцени дека евентуална постапка за непочитување на Конгресот или импичмент би била прерана и дека постојат други законски механизми за притисок.