Европската комисија нема донесено одлука за суспензија на средствата од ИПАРД III-програмата, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од Министерството наведуваат дека опозицијата преку свои соопштенија и изјави се обидува да ја манипулира јавноста посочувајќи дека Европската комисија нема суспендирано средства од програмата.
Во соопштението се наведува дека на состаноците со претставниците на Европската комисија било најавено спроведување дополнителни контроли во делот на веќе завршените предмети. По завршувањето на проверките и контролите од страна на надлежните институции, како што се посочува, реализацијата на ИПАРД III-програмата ќе продолжи без застој.
Министерството информира дека Македонија останува посветена на искористувањето на европските фондови наведувајќи дека во моментот искористеноста на ИПАРД III-програмата изнесува 7,3 отсто, што, според нив, е добар резултат во регионот и втор најдобар по Турција.
Од Министерството уверуваат дека ниеден земјоделец нема да биде загрозен во однос на користењето на средствата од ИПАРД III-програмата и апелираат до опозицијата да се воздржи од, како што наведуваат, неосновани коментари и дезинформации во интерес на заштита на угледот на државата пред меѓународните институции.







