Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, денеска одржа вонредна прес-конференција, на која се осврна на, како што рече, обвинувањата и нападите што ВМРО-ДПМНЕ со денови ги пласира во јавноста.
Фрчкоски наведе дека по изгласувањето на Резолуцијата, која, според него, наместо борба против дезинформации, значи забрана на вистината и слободата на говорот, започнале закани со кривични пријави и апсења. Тој оцени дека вакви практики постоеле во времето на Третиот рајх.
Според него, темата „мигранти за пари“ е причина за, како што рече, паниката во ВМРО-ДПМНЕ. Фрчкоски тврди дека постои таен договор поврзан со мигранти и финансиски средства, кои, како што наведе, служеле за продолжување на тендерски практики.
Во таа насока, тој изнесе примери за тендери во вредност од, како што рече, 5,3 милиони евра, 9 милиони евра и други милионски износи, доделени на фирми за кои тврди дека се поврзани со лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како и врски со Алта банка и Српската напредна странка.
Фрчкоски истакна дека ова, според него, е само почеток на откривање на криминално-корупциски шеми и афери, наведувајќи дека платформата Micko.mk и организацијата АКТ секојдневно прибираат нови информации, а по поднесувањето на пријавите, како што рече, настанала паника.
Тој обвини дека премиерот Христијан Мицкоски брза со реформи во правосудството со цел, според него, да го стави под контрола судството и обвинителството, додавајќи дека веќе 20 дена нема одговор за поднесените пријави.
Фрчкоски се осврна и на објавувањето негови фотографии и текстови од страна на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека тоа претставува кампања за дефокус, во која, како што рече, без причина се споменува и неговиот татко. Тој посочи дека објавите следеле по неговата прес-конференција поврзана со трагедијата во Кочани, со цел, според него, да се тргне вниманието од одговорноста за тој настан.
Во однос на објавените фотографии, Фрчкоски рече дека настанот се случил пред пет години, дека тогаш бил помлад и дека веднаш ја презел целосната одговорност, нагласувајќи дека со тоа ги повредил само своите најблиски.
Тој истакна дека на последниот Извршен одбор добил нова шанса од претседателот и од колегите, за што, како што рече, е благодарен и нема да ги разочара.
„За оваа тема зборувам последен пат. Вистината ќе победи“, изјави Фрчкоски, порачувајќи на крајот: „АКТ ви дише во врат. Борбата започна и нема да застане додека не ја ослободиме Македонија од криминалот и корупцијата“.











