Сер Алекс Фергусон нема добра прогноза: Јунајтед ќе чека уште 10 години на титулата?

Точка

19/12/2025

19:31

316

Големина на фонт

а а а

„Доведувањето голман направи разлика“, тврди легендарниот Шкот.

Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон, изјави дека клубот од „Олд Трафорд“ би можел да чека уште најмалку десет години пред повторно да ја освои титулата шампион во Премиер лигата, оценувајќи дека унапредувањето на трансфер-политиката е клучно за враќање на врвот.

Фергусон повлече паралела со Ливерпул, кој на нова титула чекаше три децении, наведувајќи дека Јунајтед моментално се наоѓа во слична фаза на развој.


Манчестер јунајтед нема освоено титула шампион на Англија уште од 2013 година, последната сезона на Сер Алекс Фергусон на клупата на клубот. Во тој период клубот не успеа посериозно да се вклучи во борбата за шампионатот.

Говорејќи за „Press Box PR“ во Бахреин, каде што престојуваше поради своите интереси во коњичкиот спорт, Фергусон истакна дека лошата регрутација на играчи во изминатите 12 години е една од главните причини за отсуството на успех, како и дека актуелниот менаџер Рубен Аморим има тешка задача.


„Тој е добра личност. Не е лесно. Се сеќавам на моите почетоци во клубот, кога Ливерпул беше доминантен, го освојуваше Европскиот куп и беше фантастичен клуб, но потоа им требаа 30 години повторно да ја освојат лигата. Ние сега сме во иста ситуација. Може да бидат десет, може да бидат 11 години, поради тој циклус. Сè мора внимателно да се испланира и мора да бидеме сигурни дека регрутацијата ќе биде подобра од порано“, изјави Фергусон.

Сепак, поранешниот тренер на „Јунајтед“ оцени дека во текот на оваа година се видливи поместувања на трансфер-пазарот. Особено го пофали доаѓањето на голманот Ламенс, како и офанзивците Брајан Мбеумо и Матеус Куња.


Ламенс во клубот пристигна од „Антверпен“ за 18.100.000 фунти и, според зборовите на Фергусон, претставува значително унапредување на голманската позиција. Мбеумо беше доведен од „Брентфорд“ за 71.000.000 фунти, додека Куња беше платен на „Вулвс“ 62.500.000 фунти.

„Мислам дека доведувањето голман направи разлика. Млад е, има 23 години, брз е, силен и добар со топката. Јунајтед отсекогаш имал инспиративни играчи и тоа помага. Мбеумо и Куња делуваат како играчи кои можат да придонесат за враќање на формата“, заклучи Фергусон.