Со едногласна одлука на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски повторно ја доби довербата да ја извршува функцијата претседател на ЗЕЛС. За потпретседатели се избрани Изет Меџити и Горан Герасимовски.
„Уверен сум дека пред нас е успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата“, рече Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или верска припадност.
„Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година, јасно ги дефинираме приоритетите и подготвено настапуваме во дијалогот со централната власт. Во изминатиот период активно учествувавме во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што беше прифатено и нашето долгогодишно барање за воспоставување општинска комунална полиција“, рече тој.
Ѓорѓиевски најави дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините.
„Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати“, рече тој.







