[ВИДЕО] Левица со најава дека ќе достави докази до ДКСК за Томовски и фирмата „Сити Аутсорсинг”

Макфакс

18/12/2025

09:45

350

Големина на фонт

а а а

Бидејќи директорот на СОЗР Ивица Томовски одбива да одговори дали управителот на компанијата „Сити Аутсорсинг” е негов личен пријател, Левица ќе достави фотографии до Антикорупциската комисија, која отвори предмет за овој случај, соопштија од партијата.

„Во оваа компанија која добила 5 милиони евра државни пари во тендери, како управител е заведено лице кое има бројни заеднички фотографии токму со Томовски, што ја потврдува поврзаноста на директорот на СОЗР. Заедничките фотографии ја отвораат дилемата дали управителот само формално фигурира во оваа компанија, која претходно беше во сопственост на семејството на Томовски?!

Потсетуваме дека името на компанијата „Сити Аутсорсинг” претходно гласеше „Сити Логистик”. Како „Сити Логистик”, компанијата добила тендери од 60.000 евра со потпис на Мицкоски, кога тој беше директор на ЕЛЕМ. Јавното обвинителство мора да отвори истрага како фирма каде управител бил Томовски, а Мицкоски делел тендери – сега добива 5 милиони евра државни пари?!“.

Левица, нагласуваат од оваа партија ќе ги достави сите докази кои ги поседува за оваа контроверзна компанија, која очигледно, како што оценуваат, е параван за испумпување на државни пари за Мицкоски и неговите блиски соработници.

„За Левица е скандалозно што ОЈО не отвора ниту една постапка за компаниите каде се инволвирани соработниците на премиерот, што укажува дека апсолутистичкиот режим на ДПМНЕ целосно го има заробено правосудниот систем за да нема одговорност за нивните криминали“.