„Каков свет е овој, каде што убиеното дете нема глас, а виновните зборуваат гласно и слободно?“: Трогателна порака на мајката на Ивона која загина во „Пулс“

Точка

18/12/2025

09:42

1.115

Големина на фонт

а а а

Поминаа точно девет месеци откако времето во Македонија во март запре, по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани којшто одзеде 63 животи и кој некако сѐ уште одѕвонува во нашите глави.

Судењето за обвинетите за трагедијата е во тек, а родителите и роднините на загинатите сѐ уште ја чекаат правдата за нивните најмили, која барем малку ќе им даде надеж за „мир“.

Една од мајките кои гласно се бори за правдата на нејзината ќерка Ивона која загина во пожарот е Стојка Антова.

Овојпат таа објави емотивна порака која без сомнеж ќе допре до вашите срца и ќе изнуди силни емоции.

🖤😭16.12.2025 – Девет месеци без моето Ивонче

Девет месеци болка, девет месеци неправда


    🖤Девет месеци поминаа откако...

Posted by Stojka Ivanova Antova on Monday, December 15, 2025

Ви ја пренесуваме во целост:

„16.12.2025 – Девет месеци без моето Ивонче

Девет месеци болка, девет месеци неправда.

Девет месеци поминаа откако моето срце престана да живее, а јас продолжив да дишам без душа, откако мојот живот застана. Девет месеци без моето Ивонче, без мојата душа, радост и светлина, без моето чедо. А јас – ни сама не знам како уште дишам, како чекорам, како преживувам, како се будам секое утро без неа. Секој ден е борба со болка што не се опишува, болка што не се лечи, болка што само мајка ја знае кога ќе ѝ го одземат детето.

Секој ден започнува и завршува кај тебе, ќерко моја. Рано сабајле сум кај твојот вечен дом, попладне повторно се враќам. Таму ми е срцето, таму ми е животот. А дома… тишина што боли повеќе од збор, празнина што вришти. Секој агол те бара, секој здив ми го шепоти твоето име. Не знам како ова срце уште чука без тебе, без моето мило Ивонче.

Иако ги гледам твоите слики, иако стојам пред твојот спомен, во мене живее таа тешка, болна надеж – дека ќе ја отвориш вратата и ќе речеш: „Мамче, јас сум дома.“

Но, вратата молчи, не се отвора, само тишина. Само солзи. А мајчиното срце се крши секоја ноќ одново и одново.

Ноќите ми се најтешки. Кога ќе запалам цигара и ќе ја изгасам сијалицата, си велам: ќе дојдеш од позади мене, ќе ме гушнеш силно, ќе ме бакнеш како само ти знаеше… Се вртам – никој. И тогаш плачам тивко, кршејќи се од болка, со сознанието дека моето чедо никогаш повеќе нема да влезе низ таа врата.


А болката не е само што те нема. Болката е што твојот млад живот беше неправедно одземен. Болката е што денес, девет месеци подоцна, вистината сè уште ја чека правдата. Сите се бранат, сите се прогласуваат за невини, а ние родителите ги броиме деновите без нашите деца, носејќи гробови наместо прегратки.

Што вистината ја газат.
Што сите се бранат.
Што сите обвинети се прогласуваат за невини, додека јас го носам најтешкиот товар – гробот на моето единствено дете.

Каква правда е ова?

Каков свет е овој, каде што убиеното дете нема глас, а виновните зборуваат гласно и слободно?

Силите ми се одземаат секој ден. Телото ми е уморно, нозете едвај ме носат, срцето ми е црно од тага. Ама нема да застанам. Ќе се борам. Ќе викам. Ќе сведочам.

До последен здив ќе се борам за правдата на моето Ивонче да излезе на виделина.


Ќе издржам колку што можам, зашто моето дете го заслужува тоа. Моето Ивонче го заслужува тоа. И сите 63 ангели го заслужуваат тоа.

Можеби мајката живее без срце… ама не смее да молчи.

Зашто молкот убива уште еднаш.

Мое мило Ивонче, мајка ти те носи во секој здив, во секоја солза, во секоја борба.

Тие ми те зедоа од раце, ама никогаш нема да ми те земат од душата.

Правда за Ивонче.

Мајка што не се откажува.

16.03.2025 НЕПРЕБОЛ“.