Што му прави една недела консумирање алкохол на вашето тело?

Точка

17/12/2025

21:52

458

Големина на фонт

а а а

Новинарот Хери Валоп одлучил да тестира што ќе направи една недела засилена консумација на алкохол со неговото тело. Пред почетокот на експериментот, десет дена не пиел алкохол, направил низа лекарски тестови, а потоа, во текот на седум дена, го прифаќал секој пијалак што му бил понуден. Како што изјавил за „Daily Mail“, сакал да види „што би можело да му се случи на умот и телото по седум дена“.

Во текот на таа недела, Валоп вкупно консумирал 51 единица алкохол – далеку над препорачаните 14 единици неделно. Веќе првиот ден, на празнично собирање и прослава на 23. роденден на својот син, испил 11,2 единици.

Во наредните денови пиел пиво со колеги, вино на училишен концерт, чаши вино на роденденска забава и виски додека гледал божиќен филм. Иако петтиот ден се обидел да забави со пиењето, сепак продолжил. Шестиот ден се одморил, но седмиот го завршил со уште 10,7 единици алкохол за време на патување во Берлин и посета на концерт.


Резултатите биле лоши

По една недела пиење биле направени нови тестови. Крвните анализи покажале дека ензимите на црниот дроб биле „сите уредно во рамките на здравите граници“, поради што заклучил дека во тој период не ѝ нанел поголема штета на црниот дроб. Сепак, другите резултати биле значително полоши.

Силата на стискање на раката му се намалила од 39,7 на 34,3 килограми, а тестовите укажувале на „намалена активација на мускулите и општ замор“. Се влошила и рамнотежата – пред експериментот можел да стои на една нога 10 секунди, а по една недела само три.


Тестовите на мозокот покажале побавни реакции и послабо паметење, додека пулсот во мирување му се намалил од 70 на 61 отчукување во минута. Лекарите му објасниле дека тоа не е знак на подобра кондиција, туку „краткорочен пригушувачки ефект на алкохолот врз нервниот систем“.

Квалитетот на закрепнувањето за време на спиењето му паднал од 90,5 на 73 поени, што покажува дека и физичкото и менталното здравје во текот на таа недела значително настрадале.