Српскиот министер за култура фалсификувал документи за луксузниот проект на зетот на Трамп

Макфакс

16/12/2025

11:20

272

Големина на фонт

а а а

Српското обвинителство за организиран криминал вчера покрена обвинение против министерот за култура Никола Селаковиќ и уште тројца за злоупотреба на службената должност и фалсификување документи во врска со проект за луксузни недвижности поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Еј-би-си Њуз.

Истрагата се фокусира на контроверзната реконструкција на срушениот воен комплекс во центарот на Белград, Генералштабот, кој беше заштитено место на културното наследство, а сега е предвидено за изградба на луксузен комплекс. Селаковиќ, близок соработник на претседателот Александар Вучиќ, и другите обвинети се теретат за нелегално одземање на заштитениот статус на локацијата со фалсификување документи.

Српската влада потпиша договор за закуп на 99 години со американската компанија „Афинити глобал девелопмент“, која е поврзана со Кушнер. Кушнер во тоа време потврди дека неговата компанија планира да го финансира проектот од 500 милиони долари, кој би вклучувал облакодер со хотел, луксузни станови, канцелариски простор и продавници. Сè уште не е познато кога би можело да започне судењето.

Владата го поддржува проектот и покрај истрагата

Предлогот за изградба на местото на поранешниот Генералштаб има силна поддршка од владата на Вучиќ, но се соочи со жесток отпор од експерти во Србија и странство, како и од пошироката јавност. Минатиот месец, српскиот парламент донесе посебен закон со кој се отвора патот за изградба, и покрај тековната истрага.

Претседателот Вучиќ изјави дека проектот е добар за односите на Србија со САД и дека ќе го помилува секој што е осуден во случајот. „Јас сум виновен“, рече тој неодамна. „Јас сум оној што сакаше да ја модернизира Србија. Јас сум оној што сакаше да привлече голем инвеститор“.

Симбол на отпор кон НАТО

Критичарите истакнуваат дека зградата е архитектонски споменик, кој се смета за симбол на отпор кон бомбардирањето на НАТО, што сè уште се смета за неправедна „агресија“ во Србија. Србија беше бомбардирана 78 дена во 1999 година за да се принуди тогашниот претседател Слободан Милошевиќ да ја прекине репресијата врз Албанците во Косово.

Анти-НАТО расположението останува силно, што ја прави улогата на американската компанија во пренамената на воените згради особено чувствително прашање за многумина во Србија. Срушените згради се сметаат за врвни примери на архитектурата од средината на 20 век во поранешна Југославија, пишува Еј-би-си Њуз.