Трчањето во зима е најдоброто нешто што можете да го направите за организмот: Еве зошто

Точка

13/12/2025

16:00

587

Големина на фонт

а а а

Со исклучок на страсните тркачи кои не се откажуваат од својата омилена активност дури ни во текот на зимските месеци, тренингот дома или во теретана дефинитивно изгледа како подобра опција.

Меѓутоа, трчањето на студ има некои неочекувани придобивки за нашиот организам. Иако на прв поглед можеби не изгледа најпријатно, постојат неколку причини зошто зимата може да биде одлично време да го додадете џогирањето во вашата фитнес рутина.

Покрај тоа, експертите тврдат дека трчањето на студ е всушност поздраво за нашите тела отколку на топлина, а некои од придобивките вклучуваат согорување на повеќе калории и борба против сезонското афективно растројство, попознато како зимски блуз.


Трчањето на студ може да го забрза метаболизмот

Иако нашите тела се загреваат кога трчаме, истражувањата сугерираат дека престојот на ниски температури може да стимулира специфична форма на термогенеза, или зголемување на метаболизмот што главно се постигнува со активирање на специјално ткиво наречено кафеава маст – вид маснотии што се одговорни за согорување калории.


Позитивен ефект врз менталното здравје

„Runner’s high“, термин што ја опишува еуфоричната состојба што ја чувствуваат тркачите за време и по трчањето на неколку километри, се јавува поради ослободување на ендорфини и ендоканабиноиди кои го намалуваат стресот и го поттикнуваат чувството на среќа. Ова чувство се јавува без оглед на годишното време, но во зимските месеци може да има уште попозитивен ефект, особено кај оние кои страдаат од „зимски блуз“ (вид депресија што се јавува во есенските и зимските месеци, кога, меѓу другото, изложеноста на природна сончева енергија е намалена).


Исто така, почестото изложување на студ му помага на нашиот организам да се навикне на него, поради што телото постепено ќе го намалува стресниот одговор на зимските временски услови.

Како да се подготвите за трчање на студ

Пред сè, проверете ја временската прогноза – трчањето на дожд или снег ако сте почетник дефинитивно нема да биде пријатно искуство, а ризикувате повреда ако немате соодветни обувки. За секој случај, најдобро е да изберете ден без врнежи.

Експертите советуваат: ако одите на трчање, нема да ви треба толку дебела облека како кога одите на лежерна прошетка. Облечете се како температурата да е десет степени повисока отколку што е всушност, бидејќи вашето тело природно ќе се загрее. Исто така, направете кратко загревање пред да го напуштите станот.


Што се однесува до облеката, важно е слоевито облекување кое го штити телото, а воедно овозможува движење и дишење. Термални хеланки за трчање, маица со долги ракави што не апсорбира пот и водоотпорна и ветроотпорна јакна се задолжителни. Иако инаку е одличен материјал, памучните маици не се најдобра опција бидејќи апсорбираат пот, што дополнително ќе ве разлади. Исто така е важно да носите ракавици или маица што ги покрива дланките, бидејќи студот најмногу го чувствуваме на екстремитетите. Добра идеја е и посебна маска за лице, бидејќи студениот воздух може да предизвика кашлица и суво грло.