Стопанска банка АД Битола најостро ја осуди денешната прес-конференција на СДСМ и изјавите на Александар Саша Димитријевиќ, оценувајќи дека се работи за невистини и манипулативни наводи кои, како што наведуваат, се во спротивност со јавно прокламираните заложби на партијата за привлекување инвестиции и унапредување на регионалната соработка.
Во реакцијата, Банката наведува дека е зачудувачки што СДСМ, како партија што претендира да биде сериозен политички фактор, пласира неосновани и неточни информации за субјект од банкарскиот сектор, со што, според нив, се внесува несигурност во банкарскиот систем и се доведува во прашање политичката одговорност и кредибилитет на партијата.
Од Стопанска банка АД Битола посочуваат и дека СДСМ изнесува ставови идентични со оние што во изминатиот период ги застапувал нивниот долгогодишен политички партнер ДУИ. Во реакцијата се нагласува дека АЛТА Банка АД Белград е една од најзначајните членки на АЛТА групацијата и една од најиновативните финансиски институции во Србија, со значајни инвестиции во регионот, вклучително и во Северна Македонија.
Банката наведува дека АЛТА Банка бележи континуирани позитивни деловни резултати и силен раст, а во 2024 година била наградена како најбрзо растечка и најиновативна банка во Република Србија. Стопанска банка АД Битола истакнува дека добивањето сериозен и стабилен стратешки партнер претставува позитивен чекор за банкарскиот сектор и за економијата во целина.
Во реакцијата се наведува дека, доколку СДСМ јавно не се извини за изнесените, како што се оценува, невистини и дезинформации, ќе бидат преземени сите соодветни правни и институционални чекори за заштита на угледот и интегритетот на банката.







