Мохамед Бен Сулајем реизбран за претседател на ФИА на Генералното собрание во Ташкент

Точка

12/12/2025

10:28

254

Големина на фонт

а а а

Со поддршка од над 90% од гласовите, актуелниот претседател на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), Мохамед Бен Сулајем, беше реизбран за претседател и ќе ја извршува оваа функција во уште еден четиригодишен мандат.

Реизборот се одржа во рамки на Генералното собрание на ФИА, кое годинава собра повеќе од 500 високи делегати од областа на мобилноста и мотоспортот од 149 земји ширум светот. Меѓу присутните беа и претставници на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), како единствена мобилити членка на ФИА од нашата земја, што ја потврдува активната улога на АМСМ во меѓународните процеси и политики поврзани со мобилноста и безбедноста во сообраќајот.

Во пресрет на одржувањето на Генералното собрание и претседателските избори, Бен Сулајем истакна дека членовите на ФИА имаат централна улога во работењето и стратешкиот развој на организацијата.

„Нашите членови се клучни за сè што ФИА го прави. Во наредниот период, со нетрпение очекувам да ги слушнам нивните перспективи, да ја продлабочиме поврзаноста помеѓу спортот и мобилноста, да го прошириме нашето глобално влијание и заеднички да го демонстрираме позитивното влијание што можеме да го оствариме.“

Тој изрази задоволство од постигнатите резултати во изминатиот мандат, нагласувајќи дека фокусот и понатаму ќе биде насочен кон трансформација и модернизација на ФИА.

„Горд сум на достигнувањата што ги остваривме во последните четири години, а мојот приоритет останува ФИА да продолжи да се развива како организација што создава значајна, одржлива и мерлива вредност за општеството.“

Во своето обраќање, Бен Сулајем посебен акцент стави и на улогата на ФИА во областа на мобилноста, безбедноста во сообраќајот и одржливиот развој.

„Паралелно со активностите во мотоспортот, ја зајакнуваме нашата мисија за мобилност во сите региони, ја унапредуваме улогата на ФИА во автомобилскиот екосистем и активно придонесуваме во глобалните дискусии за одржливи градови, побезбедни патишта и иднината на транспортот.“

Генералното собрание во Ташкент уште еднаш ја потврди стратешката насока на ФИА кон интегриран пристап во кој мотоспортот и мобилноста заземаат клучна улога во унапредувањето на безбедноста, одржливоста и иновациите во глобалниот транспортен систем.