Мицкоски: Историското наследство на Македонија е обврска, а не украс или сентимент

Макфакс

06/12/2025

12:55

211

Големина на фонт

а а а

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на отворањето на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање и се осврна на темата за државноста. Тој истакна дека наследството за јазик, државност и културната самобитност создаваат три обврски за денешната генерација, а самото историско наследство е најсилен мотив државата да биде поефикасна и поорганизирана.

„Историското наследство на македонската државност не е сентимент или украс. Тоа е обврска. Од Илинденската идеја, преку АСНОМ, до независноста во 1991 година, секоја генерација ја има истата должност: да ја штити државата институционално, безбедносно, економски и културно. Историјата не е товар, туку темел врз кој се гради современата национална самодоверба“, рече Мицкоски.

Мицкоски трите обврски на денешната генерација се континуитет, модернизирање и достоинството на македонската државност и идентитет.

„Наследството на борбата за слобода, јазик, државност и културна самобитност создава три обврски за денешната генерација: прво, да се зачува континуитетот и достоинството на државноста и идентитетот , да се модернизира државата така што ќе биде отпорна на надворешни притисоци и внатрешни слабости, и трето да се спречи злоупотребата на историјата за дневнополитички цели“, кажа Мицкоски и додаде:

„Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна. Жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви“.