„Време е да ги почитуваме разликите, наместо да ги негираме“: Сиљановска-Давкова на Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Макфакс

03/12/2025

12:17

114

Големина на фонт

а а а

Претседателкатa Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Аbility awards“, што во пресрет на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во организација на платформата „Абилитист“ којашто се бори за инклузија на овие наши граѓани.

Според претседателката, надминувањето на предизвиците е заедничка должност и одговорност да се гради општество во кое достоинствениот живот не е само етички идеал, туку реална човечка потреба, потсетувајќи дека промените не зависат само од индивидуални напори, туку од континуирана посветеност и координираната работа на надлежните сектори.

Таа го поздравува „Ability Awards 2025“ како просветителски проект со којшто им се оддава признание на 10 личности со попреченост чии професионални и лични достигнувања се доказ за релативизирање, па дури и бришење на попреченоста преку знаењето, емоционалната интелигенција и творечката умешност. Според неа, неопходни се правни и институционални решенија што препознаваат и овозможуваат непречено изразување на различните човечки потенцијали.

За неа, подеднакво важно е наградувањето на 10-те компании за развојот на иновативни и инклузивни практики. „Нивната работа покажува дека економскиот сектор може да биде значаен промотор на културни и структурни промени, особено кога пристапноста на секој субјект кон секој објект и ресурс е стратешка инвестиција што води сметка за правичноста и еднаквоста на шансите, но и можностите”, потенцираше таа.

На настанот претседателката му ја додели наградата „ИМПАКТ – Подигање на јавната свест“ на Марко Пејчиновски кој, за неа е симбол на храброст, дисциплина и младешки дух што ја претвора љубовта во инспирација за сите негови врсници.