Израелските форензички служби заклучија дека останките предадени од Хамас не се оние на последните двајца заложници од Газа, соопшти канцеларијата на израелскиот премиер.
Според условите на октомврискиот договор за прекин на огнот, Хамас ги предаде останките на она што Црвениот крст го опиша како останки на еден од последните двајца починати заложници кои сè уште се во Газа.
„Наодите донесени на преглед вчера од Појасот Газа не се поврзани со ниту еден од починатите заложници“, објави денес канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
„Идентификацијата е извршена во Националниот центар за судска медицина“, додаде тој.
Палестинската милитантна група Хамас вчера соопшти дека ги предала останките на еден од последните двајца починати заложници кои сè уште се во Газа, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст, според условите на октомврискиот договор за прекин на огнот.
Преостанатите двајца заложници се израелскиот полицаец Ран Гвили и тајландскиот државјанин Судтисак Ринталак, двајцата киднапирани за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, со кој започна разорната двегодишна војна во Газа.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст, со седиште во Женева, дејствува како посредник меѓу милитантните групи во Газа и Израел, помагајќи во олеснувањето на ослободувањето на живите заложници и предавањето на останките.







