Стефан Мандел, романско-австралиски економист, осмислил систем со кој дури 14 пати освоил лотарија. Неговата формула вклучувала математика, инвеститори и милиони тикети.
Додека најголемиот број луѓе сонуваат за луксузен живот кој би го воделе доколку освојат лотарија – автомобили, недвижности, патувања и сите благодати на богатството – за огромен дел тоа останува недостижна фантазија.
Но Стефан Мандел, 91-годишен романско-австралиски економист, докажа дека системот може да се надмудри. Тој лотарија освоил 14 пати – и тоа не благодарение на среќа, туку на ладна математичка пресметка.

Како Мандел го смислил планот
Мандел знаел дека шансата за добивка со еден тикет е минимална. Наместо да се потпре на судбина, решил да направи генијален план.
Организирал група инвеститори и го основал здружението „International Lotto Fund“ (LIF). Идејата била едноставна – заедно да соберат пари и да купат огромен број тикети, со што драстично ги зголемувале шансите за добивка.
„Теоретски, секој може да ги купи сите можни комбинации“, објаснил во едно интервју на „YouTube“. „Секој средношколец може да ги пресмета комбинациите. Но никој пред нас не развил логистички систем за поднесување толку многу тикети. Ние бевме единствените победници – и тоа беше тоа.“

14 добивки и милионски суми
Системот почнал да функционира. Групата на Мандел остварила вкупно 14 добивки. Иако не секогаш го погодувале џекпот, освојувале сериозни суми, доволни Мандел да си обезбеди куќа и удобен живот.
Еден од најпознатите случаи се случил во американската сојузна држава Вирџинија. Таму се извлекувале шест броеви од 1 до 44, што значи дека постојат 7.059.052 можни комбинации.
Мандел собрал 2.524 инвеститори и успеал да испечати тикети со сите комбинации. Резултатот: ја освоиле главната награда од 27 милиони долари, плус 900.000 долари од тикети што освоиле втори и трети места.

Сомнежи, истраги и обвиненија
Како што се ределе добивките, растела и сомничавоста кај властите. Мандел и неговиот тим биле обвинувани за перење пари, а случајот го истражувале и CIA и FBI.
Години подоцна, бил ослободен од сите обвиненија и се повлекол од светот на лотаријата.
Живот на остров и крај на „системот“
Денес, Стефан Мандел живее мирен живот на островот Вануату во Јужниот Пацифик, место познато по вулкани и водопади. Неговата метода во меѓувреме стана невозможна – новата законска регулатива во САД и Австралија забранува масовно купување на тикети, како и нивно печатење дома.
Со други зборови, трикот на Мандел денес не може да се повтори.

Манделовата формула за добивка
Неговата „математичка магија“ се сведува на неколку чекори:
• Пресметајте го вкупниот број можни комбинации. (На пример, за лотарија со шест броеви од 1 до 40 има 3.838.380 комбинации.)
• Пронајдете лотарии каде џекпотот е најмалку трипати поголем од бројот на можните комбинации.
• Соберете инвеститори и обезбедете капитал (Мандел за лотаријата во Вирџинија ангажирал 2.524 инвеститори).
• Купете или испринтајте ги сите комбинации. (Тогаш било дозволено; денес тикетите мора да се купуваат на самото место.)
• Поднесете ги тикетите и почекајте извлекување.
• Исплатете ги инвеститорите.
Кога во 1987 година освоил 1,3 милиони долари, Мандел лично задржал само 97.000.
Математички гениј или коцкарски Робин Худ?
Приказната на Стефан Мандел покажува дека и најстрогите системи можат да се надмудрат кога ќе се спојат математика, организација и ладна логика.
Но останува прашањето – дали Мандел бил гениј кој го победил системот или коцкарски Робин Худ кој играл на тенка линија меѓу легално и нелегално?
Едно е сигурно: она што нему му успеало, денес никој не би можел да го повтори.









