На денешен ден 2018 година во Англија, во местото Кентбери, по кратко боледување на 66-годишна возраст нѐ напушти еден од најголемите македонски драмски писатели – Горан Стефановски.
Стефановски е роден во Битола на 27 април 1952 година и со сигурност можеме да кажеме дека е еден од најплодните драмски писатели во современата македонска книжевност. Завршил студии на Филолошкиот факултет во Скопје, оддел англиски јазик и книжевност. Тој студирал и драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде исто така магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.

Стефановски работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа и како асистент на Филолошкиот факултет во Скопје. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје, член на Друштвото писатели на Македонија од 1979 година, но и член на Македонскиот ПЕН-центар.
Плодноста на Стефановски е во секој чекор на современата македонска драма која доживува голем подем и успех по неговите драми: „Јане Задрогаз“, „Диво Месо, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“. Тој е автор и на телевизиски драми, меѓу кои: „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“, како и на ТВ-сериите: „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“.
Неговите пишани зборови биле наградени и со наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.
Горан Стефановски беше и дописен член на МАНУ.
Во негова чест, се потсетуваме на дел од незаборавните цитати кои ги остави вечно да живеат меѓу нас:
1. „Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно“. („Жив Човек“)
2. „Денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино“. („Диво месо“)
3. „Затоа што сум жив. Вам ви е сеедно. Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе“. („Дупло дно“)
4. „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. („Тетовирани души“)
5. „Југот не го сака Север. Исток Запад. Европа не ја сака Америка, Ирска Англија. Прилепчани не се мирисаат со битолчани, во еден град не се поднесуваат две маала, во едно маало две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез два стана, во еден стан две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајца се мразат самите себеси. Каде води тоа? Ако е така, тогаш нема спас. А, без спас нема живот. А, без живот нема ништо. Има смрт“. („Тетовирани души“)

6. „Чекам веќе десет часа, а неа ја нема. Да знам дека ќе дојде, воопшто не би ја чекал“. („Конзервирани импресии“)
7. „Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот“. („Дупло дно“)
8. „Европа ве бара! Ѝ се прди на Европа за вас! Воздивнувате по Германија, а таткото што ги изгубил нозете да направи куќа е помија кој не знае два и два. И им пречи на Европјаните да прават кариера! Не знаете да се чувате… живеете на вересија… ќе загинете по некои дупки… ќе ве изедат пајажини… Името ќе ви се затре, коренот ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас! Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!“ („Диво Месо“)
9. „Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие, ќе знае што да прави со нив.“ („Лет во место“)

10. „Боже. Сите ги мразам. Сите ми се грди, гадни и туѓи. Светот ми е нејасен и мачен. Лебот горчлив. Смилуј се Господи, поништи нè. Направи ја оваа година 1878 последна. Што ќе сме ти вакви? Сврти ја земјата наопаку, истури ги сите води, дупките наполни ги со сè што е живо, пушти оган да ги претвори во мрши, да ги засмрди, да ги сврти во пепел, па ветер да го развее пепелот по црни неба. Па наврти води да ги измијат трагите дека некогаш нешто лазело по земјава. И така да биде крај. Да останат само камен и вода, да се тријат еден од друг, бесконечно, во вековите што идат. И така да биде мир и волјата твоја. Амин“. („Лет во место“)
11. „А што значи самоубиство? Нас нè повика татковината. Јас зедов пушката и тргнав. Како и татко ми пред мене. Имам вера во Бога. Имам вера во власта“. („Екс-ју“)
12. „Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите ни во телата…“ („Диво месо“)
13. „Ќе има војна… Ќе има војна… – Доста беше и ваков мир“. („Диво месо“)















